Влезот во НАТО ќе донесе бројни економски придобивки!

loading...

Речиси е невозможно во земјава да се најде човек кој со факти ќе ги оспори економските придобивки од евро-атлантските интегративни процеси, а посебно од членството во НАТО. Регионалните искуства и истражувањата спроведени во балтичките и балканските земји кои станаа најнови членки на НАТО-алијансата неспорно укажуваат на значителен број краткорочни и долгорочни придобивки како што се пораст на бруто домашниот производ, зголемен прилив странски директни инвестиции, воведување стандарди кои придонесуваат кон подобрување на конкуретноста на компаниите и на квалитетот на живеење на граѓаните.

Гарантираната стабилност носи инвестиции

Статистичките податоци покажуваат дека по зачленувањето во НАТО во 2004 година економската активност во Естонија и Летонија, двете поранешни советски републики значително се зголемува. Во 2005 година стапката на пораст на БДП во Естонија се зголеми од 6,5 на 9,5 отсто, а во Летонија од 8,7 на 10,6 отсто. Освен порастот на БДП, зачленувањето во НАТО носи и пораст на странските инвестиции. Во Естонија, по зачленувањето во НАТО странските директни инвестиции се зголемија од 965,8 милиони евра на 3,1 милијарда евра. Слични трендови има и во Словенија, Бугарија, Хрватска, Албанија, како и во најновата членка на алијансата Црна Гора.

Од Дирекцијата за односи со јавност и публикации на Централната банка на Црна Гора велат дека земјата станала полноправна членка на НАТО сојузот во јуни, 2017 година и дека за да се согледаат вкупните ефекти од интеграцијата е потребен подолг временски период од една година. Сепак, оттаму додаваат дека искуствата на останатите земји покажуваат дека интеграцијата во НАТО има позитивен ефект на странските директни инвестиции, бидејќи се потврда за политичка и економска стабилност, која е клучна за континуиран прилив инвестиции.

„Исто така, отворањето на пазарите на земјите од НАТО за претпријатијата од Црна Гора е значајно за подобрување на конкуретноста на црногорската економија. Имајќи предвид дека Црна Гора е туристичка дестинација се очекува НАТО интеграцијата да има позитивен ефект на прометот во туризмот“, велат од банката.

Оттаму укажуваат дека зачленувањето на Црна Гора во НАТО ја зацврсти намерата на странските инвеститори поинтензивно да продолжат со реализацијата на започнатите проекти.

„Ова го потврдуваат и податоците за вкупниот прилив странски директни инвестиции, кои во првите шест месеци од 2018 година изнесуваат 403,6 милиони евра или 47,1 отсто повеќе во однос на истиот период во 2017 година. Во анализираниот период, се забележува пораст на сопственички и должнички вложувања, 153,7 милиони евра се однесуваат на инвестиции во компании и банки, додека приливот по основ на вложување во недвижности изнесуваше 78 милиони евра. Приливот на СДИ во форма на меѓукомпаниски долг изнесуваше 165 милиони евра или 51,2 отсто повеќе во однос на истиот период претходната година. Кога зборуваме за структурата на инвеститорите во однос на земјата на потекло, најголем прилив на странски директни инвестиции во првите шест месеци од 2018 година е забележан од Италија (18 отсто од вкупниот прилив) Унгарија (13,6 отсто) Русија (7,8 отсто) и Турција (7,3 отсто)“,  велат од Дирекцијата за односи со јавност и публикации на Централната банка на Црна Гора.

Конкуретноста уште поважна од инвестициите

Иако странските инвестиции се еден од главните двигатели на економскиот пораст многу поважен е пристапот до странските пазари и способноста на домашните компании да се натпреваруваат на отворениот пазар. Зачленувањето во ЕУ и НАТО носи и прифаќање нова регулатива, нови стандарди и вложување во образованието што е клучно за подобрување на конкуретноста на домашната економија која сега е на незавидно ниско ниво.

В.д. извршниот директор на Стопанската комора на Македонија, Билјана Пеева-Ѓуриќ смета дека од особена важност за македонската економија е како да се мотивираат домашните компании да работат на извозниот капацитет.

„Статистиката покажува дека од вкупно регистрираните правни лица во државата, само околу 6 отсто извезуваат. Од нив, 81 отсто се микро и мали компании, а 3,2 отсто се големи компании кои го креираат 80 отсто од вкупниот извоз во државата. Оттука, пораката дефинитивно треба да биде поддршка и стимулирање на извозната ориентираност преку пораст на конкурентноста и иновативноста на домашните компании што и сега се покажува како слабост на македонското стопанство“, вели Пеева-Ѓуриќ.

БДП по жител во новите членки на НАТО од регионот (во долари)

                                      2000 година   2004 година 2017 година

Словенија                  10.286            17.282           23.654

Романија                    1.670               3.541             10.757

Бугарија                     1.613                3.344             8.064

Хрватска                    4.970              14.142            13.138

Албанија                    1.127                4.130              4.582

Извор: ММФ

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Translate »