Карпош станува еколошка бомба? И покрај забраната, продолжува експлоатацијата на суровини и депонирањето на отпад

“Забрана за експлоатација на минерални суровини и забрана за депонирање на отпад” – вака стои во експертизата за бунарскиот систем “Нерези-Лепенец” со која е опфатен и делот во кој се гради паркот во скопски Карпош 4, дел од втората заштитена бунарска зона.

Телевизија “Алфа” дојде до документ во кој стои дека се забранува површинска и подземна експлоатација на било која суровина, недозволено е депонирање, складирање и расфрлање на цврст градежен отпад, ниту пак правење на ископи за било какви намени во водоносниот слој. Експертите алармираат дека вадењето на песок и чакал од почвата во заштитената зона е кривично дело и додаваат дека на овој начин на Карпош му се подготвува еколошка катастрофа. 

“Апелирам итно да се прекинат работите таму. Тоа може да го нареди судот, обвинителството или Антикорупциска комисија. Да се бара да се исчисти сè што било фрлено, а чакалот да се врати во првобитната состојба. Еколошка бомба, односно Охис број 2 во Карпош 4 се создава”, вели пензионираниот професор од Градежниот факултет, Наум Гапковски.

Жителите на Карпош имаат поделени мислења – тие сакаат да има парк во нивната населба, но сепак се загрижени за безбедноста на водата бидејќи велат дека бунарите биле во непосредна близина на градилиштето, пренесува “Aлфа”.

Во меѓувреме, надлежните уверуваат дека со депонирањето на градежен отпад ќе добиеле цврста почва под паркот, а бунарите биле безбедни, но со ова не се согласуваат градежните експерти. Тие велат дека неодговорното работење на локалната и централната власт за брзо време ќе удри по здравјето на граѓаните, па затоа бараат итна реакција од институциите.

Translate »