Со паркови и дрвореди во борбата против жештините и климатските промени. Позитивни примери од светот.
Tемата за озеленување е особено важна за Скопје. Нашиот град сè почесто се соочува со реалност во која многу се гради, а малку се сади. Нови згради никнуваат побрзо од нови дрвореди, а просторот за сенка, воздух и одмор станува сè поскапоцен. Во таков контекст, секоја зелена површина има поголема вредност, не само како украс, туку како потреба за поздрав и похуман град.
Едно од местата што не потсетуваат колку е важна врската со природата е Фоја – најголемата ботаничка градина во Скопје. Со својата разновидност на растенија, зеленило и уредени катчиња, Фоја не е само продажен или изложбен простор, туку мала урбана оаза која вреди да се посети. Таа покажува како изгледа просторот кога растенијата не се спореден детал, туку главни носители на атмосферата, мирот и убавината.

Ние во земјава имаме услови за саденје, но тоа недоволно го практикуваме. А во светот има примери каде од пустина се направиле зелени оази. Еве неколку светски примери.
Саудиска Арабија, земја во која голем дел од територијата е пустина, во последните години покажа дека озеленувањето може да биде дел од национална стратегија, а не само симболична акција. Преку програмата започната во 2021 година, обновени се големи површини деградирано земјиште и засадени се милиони стабла, со амбиција до 2030 година да се обноват 2,5 милиони хектари земјиште и да се создадат нови зелени појаси, паркови и урбани површини. Искуството покажува дека и во услови на сушна клима, со паметно користење на дождовница, пречистена вода и современи системи за наводнување, природата може да се врати таму каде што долго време изгледала невозможна.


Во меѓувреме, колумбискиот град Меделин стана еден од најпрепознатливите примери како природата може да помогне во борбата против жештините и климатските промени. Во склоп на програмата „Зелени коридори“, долж патиштата, во парковите, покрај реките и на јавните површини посадени се околу 880.000 стебла и над 2,6 милиони жбунови. Проектот е стартуван во 2016 година со цел намалување на ефектот на урбан топлотен остров, кој настанува поради густата изградба и намалувањето на зелените површини. Со ваквите мерки, просечната температура во градот се намалила за 2 степени, а во некои делови и до 5 степени Целзиусови. Денес програмата во Меделин се смета за еден од најдобрите примери на адаптација на градовите кон климатските промени.
Слична лекција доаѓа и од Сингапур, еден од најгусто населените градови-држави во светот, кој со децении ја гради својата препознатливост како „град во градина“. Наместо зеленилото да биде оставено само за парковите, таму дрвјата, вертикалните градини, зелените покриви и поврзаните пешачко-велосипедски зелени коридори се дел од секојдневниот урбан пејзаж. Овој пристап покажува дека дури и во градови со малку простор, зеленилото не мора да биде жртва на развојот, туку може да стане негов најважен белег.

