Марио Ѓорѓиев, ВФП Фонд Менаџмент: Редовното инвестирање дури и на мали износи, ако трае со години, може да создаде значителен капитал.
Во време на непредвидливи и драматични економски промени, неизвесност но и технолошки иновации, инвестирањето повеќе не се темели само на интуиција и искуство. Податоците, автоматизацијата и вештачката интелигенција стануваат клучни, подеднакво важни како и професионалноста и искуството.
Денес, можеби повеќе од било кога инвеститорите бараат транспарентност, доверба и сигурност. ВФП Фонд Менаџмент, како водечки играч на домашниот и регионалниот инвестициски пазар, активно ги следи и интегрира глобалните трендови, креирајќи современи инвестициски решенија и стабилна финансиска вредност, не само за своите инвеститори, туку и за поширокото општество.
На оваа тема разговараме со Марио Ѓорѓиев, Неизвршен директор во ВФП Фонд Менаџмент и Претседател на управниот одбор на ВФП Пензиско, за улогата на новите технологии во инвестирањето, предизвиците денес и можностите што ги носи иднината.
1. Марио, веќе подолго време сте дел од ВФП Фонд Менаџмент. Како започна Вашата приказна таму, што Ве привлече да станете дел од тимот и како се развиваше Вашата кариера низ годините? Што е тоа што според Вас го издвојува ВФП?
Кариерата во ВФП Фонд Менаџмент ја започнав пред близу десет години, за време на последниот семестар од моите студии. Уште тогаш компанијата беше во период на брз развој на пазарот на инвестициски фондови, а за мене тоа претставуваше одлична можност да ја започнам кариерата во индустрија која ме интересираше и во која гледав голем простор за професионален развој.
Контактот со ВФП Фонд Менаџмент го остваривме преку препорака на ценет професор од Економскиот факултет при УКИМ. Во почетоците бевме релативно мал оперативен тим, но со голема визија која силно ни ја создаваше и пренесуваше главниот извршен директор Петар Андреевски. Дополнително, силната непосредна енергија на нашите соработници, инвестициските агенти и лидерите во продажба во рамки на ВФП Групацијата беше важен дел од културата што ме привлече кон компанијата и Групацијата во целина.
Мојот професионален развој продолжи преку формална едукација, лиценцирање како инвестициски советник и CFA програмата, но можеби уште поважно, преку голем обем практична работа, различни одговорности и можност постојано да учам нешто ново.
Тоа што беше особено важно е што целиот тим имаше голема љубопитност и желба за развој. Луѓето работеа посветено и со искрена мотивација да напредуваат и лично, но и да придонесуваат за развојот на компанијата.
Сметам дека токму таквата култура придонесе Групацијата со текот на времето да го прошири своето присуство и во пензискиот систем во Македонија преку ВФП Пензиско, компанија која претставува значаен дел од развојот на Групацијата во Македонија, a воедно е и мојот примарен фокус како претседател на Управниот одбор на пензиското друштво.
ВФП Фонд Менаџмент беше и останува средина која постојано ги развива своите деловни капацитети. Тоа создава простор и луѓето во компанијата да се развиваат професионално и да преземаат нови одговорности.
За мене, ВФП најмногу го издвојуваат младите, интелигентни и одговорни луѓе во компанијата, големиот број професионални инвестициски агенти и лидери во продажба, непосредниот човечки пристап и динамичната работна средина во која постојано се отвораат нови можности.
2. Токму кога зборуваме за создавање капитал за иднината, инвестирањето денес станува сè подостапно и за младите и за луѓето без претходно искуство. Зошто е важно што порано да се создаде навика за инвестирање, дури и кога станува збор за мали суми?
Мислам дека е корисно секој млад човек што порано да се запознае со една многу важна работа, односно во текот на животот можеме да создаваме приход не само преку сопствениот труд, туку постепено и преку капиталот што сме го создале.
На почетокот на кариерата најголемиот дел од луѓето имаат малку сопствен капитал, па нормално е речиси целиот нивен приход да доаѓа од работата што ја имаат, односно од сопствениот труд, па често се потценува способноста на капиталот да создава приход. Но, токму тука времето може да биде еден од најголемите сојузници во личните финансии.
Редовното инвестирање дури и на релативно мали износи, ако трае со години и децении, може постепено да создаде значителен капитал. Во еден момент тој капитал почнува самиот да учествува во создавањето на приход и на тој начин ја намалува целосната зависност на човекот од неговиот тековен приход од работа.
Капиталот создава поголема финансиска сигурност и повеќе избори во животот. Затоа сметам дека не е најважно со колкава сума некој ќе започне, туку да започне доволно рано и да ја изгради навиката континуирано да одвојува дел од приходот за својата иднина.
3. Колку недоволната информираност влијае врз несигурноста или недовербата кон инвестициските фондови и што е потребно инвестирањето да стане поразбирливо и поблиско до луѓето?
Денес луѓето се изложени на огромен број информации и постојано се очекува од нив да разбираат различни области. Тоа понекогаш создава спротивен ефект, наместо повеќе сигурност, премногу информации создаваат чувство на несигурност и ги насочуваат луѓето кон она што веќе им е познато, како штедење на сметка или депозит.
Од друга страна, дел од луѓето стануваат подложни на ветувања за брза и лесна заработка. И двете крајности можат да бидат неповолни за долгорочното создавање личен капитал.
Недоволната информираност и недоволното лично искуство со инвестирање, според мене, се меѓу главните причини поради кои голем број луѓе сè уште не ги користат инвестициските фондови.
Затоа е важно најпрво да се објасни како функционира системот. Отворените инвестициски фондови се регулирани финансиски производи. Имотот на фондот е одвоен од имотот на друштвото што управува со него, а средствата се чуваат и контролираат преку депозитарна банка. Тоа се важни механизми за заштита на инвеститорите кои човек кој не е запознаен со оваа тематика често не ги познава.
Поради различни негативни искуства од минатото со нерегулирани субјекти, разбирливо е дел од луѓето да имаат почетна недоверба кон нешто што не им е познато. Токму затоа финансиската едукација и јасното објаснување на начинот на кој функционира регулираната инвестициска индустрија се исклучително важни.
Сметам дека на македонскиот пазар постои голем простор инвестициските фондови дополнително да им се доближат на граѓаните. Еден од најефикасните начини за тоа е непосредниот разговор со лиценциран инвестициски агент, каде што човек може да постави конкретни прашања и да добие објаснување согласно сопствените цели и финансиски можности.
Токму големиот број луѓе кои сè уште не се доволно информирани покажува дека постои потреба и за нова генерација млади професионалци, потенцијални инвеситицски агенти, кои ќе ја совладаат оваа област, ќе се лиценцираат и ќе помогнат инвестирањето да стане поразбирливо и подостапно.
4. Технологијата сè повеќе го менува начинот на кој клиентите комуницираат со финансиските институции. Што очекувате таа да промени во инвестициската индустрија во следните години?
Технологијата може значително да ги подобри транспарентноста, достапноста на информациите и целокупното корисничко искуство.
На клиентот денес му е важно информациите за неговата инвестиција да му бидат лесно достапни, процесите да бидат едноставни и да може брзо да добие преглед на своето портфолио и потребните информации.
Еден пример во таа насока е мобилната апликација WVP mFunds, која неодамна ја лансираше ВФП Фонд Менаџмент. Тоа е значаен проект на тимот кој работеше на нејзиниот развој и кој овозможува клиентското искуство постепено да се пренесува на повисоко дигитално ниво.
Очекувам во иднина ваквите алатки дополнително да се развиваат, со нови функционалности и со уште поголема достапност на услугите. Но, не мислам дека технологијата целосно ќе го замени човечкиот контакт. Особено кога станува збор за важни финансиски одлуки, луѓето и понатаму имаат потреба од професионалец со кого можат да разговараат и кому му веруваат.

5. При управувањето со инвестиции се следат голем број глобални и локални фактори – инфлација, каматни стапки, валутни движења, економски циклуси и геополитички ризици. Која е предноста кога со инвестициите управува професионален тим во споредба со целосно самостојно инвестирање?
Една од главните предности е едноставноста за инвеститорот. Наместо самиот постојано да следи пазари, компании, каматни стапки, валути и економски движења, тој управувањето со средствата го доверува на професионалци чија работа е токму тоа.
Покрај експертизата, кај домашните инвестициски фондови важни предности се и непосредниот контакт, познавањето на локалната регулатива и даночниот систем, како и релативно едноставниот пристап до средствата.
Денес одредени инвеститори вложуваат и преку странски пасивни фондови кои следат одреден индекс. Логиката на таквиот начин на инвестирање е различна од активното управување. Кај голем дел од најпознатите индекси, компаниите се вклучуваат и добиваат тежина претежно според нивната пазарна големина. Со купување таков пасивен фонд, инвеститорот практично купува поширок пакет компании според однапред утврдена методологија, без некој активно да проценува дали секоја поединечна компанија во тој момент е доволно квалитетна или соодветно вреднувана.
Нашиот пристап е различен. Ние не настојуваме едноставно да реплицираме индекс, туку од голем број компании да ги издвоиме оние за кои сметаме дека имаат најдобар однос меѓу квалитетот на бизнисот, финансиската стабилност, потенцијалот за раст и цената по која можат да се купат. Кај ВФП Дивиденда акции, на пример, инвестициската политика се базира на фундаментално истражување и избор на стабилни, добро управувани компании.
Тоа значи дека нашата работа не е само да утврдиме дека некоја компанија е голема или популарна, туку да анализираме како работи нејзиниот бизнис, колку е задолжена, каква е нејзината способност да генерира приходи и добивка, какви се перспективите за раст и дали нејзината пазарна цена е оправдана. Целта е од широкиот инвестициски универзум да изградиме селектирано портфолио од компании за кои веруваме дека нудат атрактивен потенцијал на долг рок.
Како илустрација, во изминатите пет години ВФП Дивиденда акции за своите инвеститори остварил кумулативен принос, нето, по сите надоместоци поврзани со управување со инвестицискиот фонд, од 78,43%, наспроти 66,71% кај MSCI World. Тоа не значи дека активното управување секогаш ќе биде подобро од индексот, ниту дека истиот резултат може да се очекува и во иднина. Напротив, има периоди во кои индексот може да има подобар резултат. Но ваквите податоци покажуваат зошто сметаме дека систематската фундаментална анализа и активната селекција можат да создадат дополнителна вредност за инвеститорите.
Самостојното инвестирање во акции и обврзници, пак, бара значително време и знаење. Не е доволно само да се избере компанија или индекс. Потребно е да се процени вреднувањето на инвестицијата, концентрацијата на портфолиото, изложеноста кон одредени валути и пазари, како и дали конкретната инвестиција воопшто одговара на целта и временскиот хоризонт на инвеститорот.
Инвестиција која може да биде соодветна за цел по десет или петнаесет години не мора да биде соодветна за средства што на инвеститорот ќе му бидат потребни за две години.
Токму тука ја гледам големата вредност на професионалното управување, не само во изборот на инвестициите, туку и во нивното комбинирање во портфолио кое е усогласено со целите, временскиот хоризонт и прифатливото ниво на ризик.
Самостојното инвестирање секако е возможно, но без доволно знаење и време може да доведе и до директни загуби и до пропуштени можности. Улогата на професионалците е тие одлуки да ги носат систематски, врз основа на анализа, економска логика и воспоставени практики за управување со средства.
Секако, важно е да се нагласи дека минатите резултати не претставуваат гаранција за идните приноси на фондот.
6. Во кои сегменти од процесот на управување со средства вештачката интелигенција веќе носи додадена вредност и каде ја гледате нејзината улога во иднина?
Вештачката интелигенција веќе може значително да ја зголеми ефикасноста на професионалците во управувањето со средства.
На пример, може да помогне во побрзо пребарување и обработка на голем број информации, првична анализа на компании, споредување на податоци, сумирање на обемни материјали и идентификување потенцијално интересни инвестициски можности.
Но, многу е важно да се направи разлика меѓу алатката и професионалецот кој ја користи. Вештачката интелигенција не ја заменува длабинската анализа, критичкото размислување и одговорноста на портфолио менаџерот за конечната инвестициска одлука.
Кај ваквите алатки особено е важно корисникот да знае што бара, кои претпоставки треба да ги провери и како да ги валидира добиените информации. Во спротивно, големата количина брзо добиени информации може да создаде само поголема сигурност во погрешен заклучок.
Очекувам дека во иднина вештачката интелигенција нема да ги замени добрите професионалци, туку ќе им овозможи да бидат поефикасни, да анализираат повеќе информации и повеќе време да посветуваат на деловите од работата каде што човечката проценка носи најголема вредност.
7. Доколку денес повторно ја започнувате Вашата кариера во инвестицискиот сектор, дали би направиле нешто поинаку? Која е најважната лекција што ја научивте низ годините?
Задоволен сум од начинот на кој се развиваше мојата кариера. Можностите кои се отворија низ годините се значително поголеми од она што сум го очекувал кога започнував, така што тешко би можел да издвојам нешто што сигурно би го направил поинаку.
Никогаш не можеме да знаеме како една поинаква одлука би влијаела врз сè што следувало по неа. Дури и грешките и одлуките кои во еден момент сме ги доживеале како погрешни во суштина биле многу важни искуства од кои се извлекла одредена поука.
Ако треба да издвојам една лекција, тоа би била важноста на трпението и долгорочното размислување. И во инвестирањето и во кариерата премногу лесно е да се фокусираме на она што се случува денес, а да заборавиме дека одлуките што ги носиме сега можат да имаат најголем ефект дури по десет или дваесет години.
Иднината која денес ни изгледа далечна, еден ден ќе биде сегашност.
Важно е и да бидеме отворени кон ставовите на другите, наместо слепо да се држиме до сопствените.
Една лекција која сè уште ја учам е колку е важно навистина да се разберат потребите, ставовите, стравовите и интересите на соговорникот. Кога ќе ја разбереме логиката зад ставот на другата страна, многу полесно можеме да најдеме заедничко решение и да постигнеме подобар резултат.
*Податоците наведени во текстот се заклучно 30.09.2026 година.

