Новиот претседател на Зимбабве ќе положи заклетва

Наследникот на Роберт Мугабе, поранешниот потпретседател на Зимбабве, Емерсон Мнангагва треба да положи заклетва. Ќе биде на чело на државата до претседателските избори идната година. САД повикаа на безусловно почитување на владеењето на законот и спроведување на утврдените демократски правила. По 37 години владеење, Мугабе поднесе оставка…

Поранешниот потпретседател на Зимбабве, Емерсон Манангагва ќе положи заклетва како шеф на држава  откако досегашниот лидер Роберт Мугабе, поднесе оставка. Шефот на пратеничката група ЗАНУ – ПФ, Лавмор Матуке изјави дека Мнангагва ќе положи заклетва до 48 часа од оставката на Мугабе и ќе остане претседател на Зимвбабве, сѐ до истекот на мандатот на Мугабе, односно до следните избори кои мора да се одржат до септември 2018-та година. Роберт Мугабе вчера во пишана форма поднесе оставка притоа изјавувајќи дека тоа го прави доброволно за да има лесен трансфер на моќта по 37 години владеење.

Нашата земја ќе биде поинаква и нашите односи со светот ќе се нормализираат. Ние сме мирољубива земја.Среќен сум. Овие промени се одлични промени.Не се боревме во војната во 1980-тата, но се боревме во 2017-та година и среќни сме што Мугабе си замина засекогаш.“рече Манангагва

Поранешниот претседател го обвинуваат меѓудругото дека на својата сопруга и дозволил да ја узурпира уставната моќ. Неговата оставка следи една недела откако војската ја презеде власта и откако Мугабе го налути народот со отпуштање на својот долгогодишен заменик.

Африканската унија ја поздрави одлуката на Мугабе. Во соопштението од Унијата се наведува дека народот на Зимбабве изразил желба за мирна смена на власта за да се зачува демократската иднина на земјата.

Понатаму во соопштението се наведува дека одлуката на Мугабе ќе остане во историјата како чин на вистински слуга на државата и дека сите ќе се сеќаваат на претседателот како на храбар борец за Панафриканско ослободување. На крајот, Африканската унија додава дека е подготвена да му пружи целосна поддршка на народот на Зимбабве и на неговите лидери во времето што доаѓа.

 

 МТВ.мк
Translate »