Што направи Илчо, за на ФФМ и на фудбалерите да „им оди“ супер?
Ерата на Илчо Ѓорѓиоски во ФФМ е завршена со неговото вчерашно соопштение за повлекување и посветување на нови ангажмани во светот на фудбалот.
Медиумите најчесто публикуваат нагласени „вистини“ и изјави кои се „акцентирани“ за да привлечат внимание, додека анализите најчесто им се оставаат на оние кои се произволно заинтересирани да си го трошат времето на нешта кои веројатно ионака нема да го сменат текот на настаните. Како и секогаш, мислењата се контроверзно поделени: за едни, со сигурност „не направил ништо“, за други немало подобар од него. Сепак, во интерес на македонскиот спорт е да се бараат факти кои би требале да имаат соодветен репер за идни споредби.
Илчо Ѓорѓиоски е првиот професионален фудбалер кој по крајот на кариерата дошол на чело на ФФМ. Во минатото бевме сведоци дека на претседателската позиција во ФФМ (во независна Македонија) се сменија политички фигури, претседатели на партии, стопанственици, кои во ионака богатите биографии најдоа простор за ангажман во спортот. Случајно или не, секогаш тоа значеше менување на гарнитурата со менување на власта, иако овие две нешта и не се сродно поврзани. Никој не може да го занемари нивниот учинок, но од тие времиња останаа многу „урбани легенди“ кој што правел, на кој клуб му помогнал со изградба на трибина или на друг начин.
Ѓорѓиоски беше избран во јули 2012 година, но на почетокот од мандатот имаше чест да ја отвори „Куќата на фудбалот“ и да го поведе ФФМ на нова локација, облагородена со помошни објекти и спортски комплекс што недвосмислено недостигаше, а беше изграден со средства од УЕФА и со помош од Владата на РМ. Наспроти претходните „удирања темели“ на други локации, ФФМ доби свој дом во мај 2013 година, па иако овој објект не е негова лична заслуга, под негово водство стана првиот центар за сите македонски селекции и ден денешен ги има истите функционалности како и на самиот почеток.
Македонија имаше кризни години на репрезентативен план, во јули 2012 гравитираше околу 104. место на ФИФА листата, тонеше до 140. место (април 2016), но и се искачуваше. Во моментов е на 64. место успех кој повторно не е ничија лична заслуга, но произлегува од овозможените услови за работа. На душа на Илчо не може да се стави ниту пласманот на ЕП во 2017 година од страна на селекцијата за фудбалери до 21 година, иако беше критикуван дека стручните служби му дале доверба на Благоја Милевски). Дури ни организацијата на Суперкупот во 2017 година не е нешто што може да си го стави во „си-ви“ (во Скопје играа две легенди како Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед), иако упатените знаат дека лобирањето за истиот настан сигурно било повлијаено од неговите позиции во УЕФА.
Во Скопје беа и Мишел Платини и Александар Чеферин, двајцата последни претседатели на УЕФА, нешто што во минатото ретко се случувало. Сепак, сите тие нешта одат во таканаречената „ера на Илчо“ и ќе го претставуваат оној репер за споредба, заедно со сите други нешта кои не се опфатени во овој текст. Противниците на Ѓорѓиоски имаат свои аргументи што треба да се сработи и дали тој како претседател направил нешто добро за македонскиот фудбал.
Фотелјата во ФФМ е примамлива за секого, секој би сакал да располага со големиот буџет и да биде во ложата на големите фудбалски натпреварувања. И за претходниците на Ѓорѓиоски имаше афери, и за него се пишуваше во разни скандалозни контексти, но, да бидеме чесни кон себе и да ги разграничиме приватните желби и добробитот за фудбалската заедница.
Имаме репер што е сработено, каде сме биле и што сме постигнале. Имаме историска шанса преку Лигата на нациите да и се радуваме на А-репрезентацијата како можен учесник на ЕП 2020 година. Треба да ги прифатиме начелата дека на она што е светост за секого, државната репрезентација и спортистите кои ги бранат нејзините бои, не треба да има промени или влијанија. А сигурен сум дека во ерата на кампањи за наследник ќе се изнаслушаме се и сешто. За промена, еднаш можеме да покажеме и дека сме се обединиле за нешто добро, да не се повторат киксевите со смените на Даниел Димевски во Кошаркарската федерација или други слични негативни примери, видени во македонските спортски федерации.
Според најавите, со ФФМ во претстојниот период ќе управува ад-хок телото предводено од потпретседателот Муамед Сејдини и тројца членови на УО. Новото изборно собрание треба да се спроведе во рок од шест месеци и треба да продуцира наследник.
Искрено, ќе бидам пресреќен да добиеме личност која ќе го има истиот „магичен рецепт“– да не направи ништо – а Македонија и ФФМ да продолжат да постигнуваат успеси. Па, дури и да си замине кога на сите ќе им оди добро!
Александар Табаковски-Дерби.мк