Шест години затвор за Сеад Кочан за „Труст“
Со бројаница в рака, смирено бизнисменот Сеад Кочан ја слушна пресудата од 6 години затвор за предметот „Труст“. Второ обвинетиот Василие Авриовиќ пак не беше во судницата да слушне дека судијката му пресуди три години затвор, 2 години под законскиот минимум за делото злоупотреба на договор за јавна набавка. Не дошол поради здравствени причини, рече неговата адвокатка. Радосен во судницата беше единствно третообивнетиот Сафет Ватиќ кој доби ослободителна пресуда.
Кочан и Авировиќ добија и забрани за вршење на професија во траење од три години. Фирмите „Трансмет“ и „Силекс Неметали“ пак ке треба да платат парични казни од по 33 илјади евра (два милиона денари) и три години нема да можат да учествуваат на тендери. Судијката Лидија Трајковска Зимвоска изрече и конфискација по правосилноста на пресудата од 17 милиони евра, колку што тежи тендерот од ЕЛЕМ за ископ на јаглен од Суводол.
Обвинителот Гаврил Бубевски од СЈО вели дека околу 90 проценти од сумата што треба да се конфискува веќе е обезбедена, односно има замрзнат имот. И честиташе на судијката затоа што определила бруто конфискација во висина на целата сума на тендерот без да ги прифати трошоците на фирмите.
Бубевски рече и дека генерално е задволен од пресудата но дали ќе се жали за казните ќе реши откако ќе ја прочита.
Кочан ќе ја чека правосилноста на пресудата од слобода како и до сега. Од СЈО не побарале притвор затоа што има гаранција во имот дека нема да бега.
Пред камерите застанаа единствно одбраната и роднините на Ватиќ кои велат правдата победила.
Одбраната на Кочан и на Авировиќ ќе се жали на пресудата според која обвинетите користеле фиктивни фактури и со невиситнита документација го добиле тендерот. Адвокатите се незадоволни од пресудата. Тие во завршниот збор бараа ослободителна а обвинетите се изјаснија дека не се виновни. Судењето за „Труст“ траеше 8 месеци за време на кои се одржале 20 рочишта.