За една наша бегалска приказна!
И јас сум дете на бегалци! Да, родителите на мајка ми биле принудени да го напуштат својот дом и да заминат некаде каде што ќе бидат сигурни.
Силно стисната во прегратките на мајка и, малечка и завиткана во кебенце, Елена го започнува своето херојско патување. Од време на време за да и го пригуши плачот, баба ми и давала да цица, плашејќи се дека нејзиниот глас ќе го издаде нивното засолниште.
За да преживеат биле принудени да се разделат. Баба ми на една страна, мајка ми на друга. Далеку во Ташкент со тетка и, малата Елена го продолжува својот живот разделена од своите родители.
Дедо ми го барале Грците затоа што бил познат борец и по никоја цена не сакал да потклекне на нивните барања, да стане нешто што не е, Грк.
Желбата да останат свои, ги чинела многу. Но, ниту во еден момент од нивниот живот не се посомневале дека направиле грешка. Цврсто верувале во својот идентитет и за да се заштитат себе си и својата фамилија биле принудени да остават се и да започнат “нов живот”.
Но, дали некогаш вистински успеаа за започнат “нов живот”?
Сега, од оваа перспектива, и секако поради моето професионална ориентација, јас увидувам дека тие физички и материјално започнале нов живот, но во нив тој никогаш не започнал.
После неколку години, фамилијата, со помош на Црвен крст, повторно се споила и надежта за подобар живот се родила.
Но, сите случки и трауми, сите разделби и патешествија живееа во нив.
Во нивниот “нов дом” во Скопје, минатото беше насекаде присутно. Тагата за напуштањето на своето огниште можеше секогаш да се почувствува.
Постојано се зборуваше за тешките денови, за разделбите, за маките. И ако не се зборуваше, болката се гледаше во изразот на нивните лица, во очите.
Јас живеев со тие приказни од минатото и тие се исто така присутни во мојот живот. Суптилно испреплетени семејни динамики кои што влијаат на моето однесување, размислување, верувања и вредности.
Пред многу години, со аманет од дедо ми Мичо, моите родители, јас и сестра ми заминавме во родното село на моите претци. Како денес да беше, спомените сеуште живеат во мене.
Куќата на дедо ми, мирисот во собите, убавата природа и старите пријатели на дедо ми, кои со многу солзи не пречекаа и не испратија.
Сеуште нивните зборови, снимени на лента, одекнуваат во мојата глава. Кога се вративме скапоцената лента ја ставивме во касетофонот и сите насобрани околу неа ги слушавме зборовите упатени кон дедо ми и баба ми. И тие што зборуваа и тие што слушаа плачеа.
И сега пишувајќи ги овие зборови, емоцијата и болката на моите претци повторно заживеа.
Дедо ми и баба ми никогаш не смееа да се вратат во својот роден крај. Затоа ние, нивните поколениа ја пренесуваме нивната емоција и ја славиме нивната храброст. Благодарение на нив постоиме.
Животот е процес и ние
сме изложени на постојани промени. Секој од нас со самото раѓање ја оживува и
најдлабоката човечка потреба, да припаѓа. И кога припадноста ќе се сруши, од
било која причина, празнината секогаш ќе биде присутна.
Припадноста се искажува преку лојалноста. Семејствата имаат свои правила за да
ја заштитат припадноста. Некои од нив се искажани, а некои ги чувствуваме.
Сите ние сме различни но,
се препознаваме по чувството на припадност. Ние луѓето, имаме потреба да
поддржуваме одредени вредности, религија, земја, националност, традиција,
политичка партија затоа што таму го задоволуваме чувството на припадност.
Ние се прилагодуваме кон правилата на било која група кон која се приклучуваме,
која што ни го обезбедува припаѓањето.
Скриените динамики на лојалноста кон системот на кој му припаѓаме, можат да бидат извор, а и ограничувања. Лојалноста може да не мотивира да превземеме акција за да го зацврстиме чувството на припадност. Исто така доколку сакаме промена, а сме лојални на системот и неговите вредности, може да не ограничува поради грижа на совест.
Иако моите претци направиле промена за да се заштитат од опасноста, тие секогаш им останаа лојални на нивните претци. Таа лојалност пак нив им ја одзеде можноста да бидат среќни и да му се радуваат на животот. Секогаш тагуваа за местото каде што припаѓаа, нивниот дом.
Нивната лојалност, потрагата за чувството на припадност живеат и во мене. Не случајно јас, додека живеев во Холандија, неколку години работев со бегалци и азиланти од целиот свет. Ретки беа оние кои што можеа да ја разберат нивната емоција, болка и желба за подобар живот. Меѓу тие бев и јас, затоа што во нивните очи ги препознавав очите на моите претци.
Изборот на кој систем ќе му припаѓаме и ќе му бидеме лојални, има значајно влијание на нашето однесување и акцијата која што произлегува од истото. Верувањата и вредностите за односите со други луѓе, за работата, за љубовта, перцепцијата за другите, потекнуваат од нашата лојалност и припадност кон одреден систем, група и сл. Лојалноста дури може да биде и прашање на живот и смрт.
Системот од каде што потекнуваме не можеме никогаш да го сменниме. Тоа е факт и највистинита вистина. Единствено што можеме да се запрашаме е дали лојалноста испреплетена во нашите вредности, однесувања и верувања ја креаира онаа реалност која што ние сега и овде сакаме да ја живееме?
Моето минато и минатото на моите претци секогаш ќе живее во мене. Јас сум им благодарна за изборите кои што ги направиле бидејќи знам дека во тој момент го направиле тоа што мислеле дека е најдобро. И благодарение токму на тој избор, постојам јас.
Меѓутоа животот се одвива во сегашноста. Постојаното гледање наназад и оживување на спомени и емоции од минатото, може да биде пречка во превземањето на одговорноста за креирање на иднина во која што нашите поколенија ќе ни се заблагодаруваат на нас за изборите кои што ќе ги направиме денес.
Хуманоста доаѓа со
проширување на рамката во која што живееме и со освестувањето на системската
поврзаност. Сите ние сме поврзани и зависиме едни од други.
Хуманоста не е само моментален чин. Да се биде човек, хуман човек е одговорност
на секој поединец.
Бегалец може да биде секој од нас. Некој бега од самиот себе, некој од фамилијата, некој од одговорноста, од обврските, од можностите, од среќата, а некои луѓе од својот дом во потрага по себе, по нови можности, среќа и нов живот.
Но, каде и да одиме ние себе си се носиме. На тоа наше патување единствени опции ни се растот и развојот. Дали ќе ги искористиме и не зависи од нас самите.
Марина Анчевска, основач на Центарот за бизнис психологија, Системски НЛП.
НЛП Тренер, коуч, писател, мотивациски говорник и јога учител.