Уапсен е Игор-Југ еден од учесниците во насилствата во собранието
Игор Југ, еден од учесниците во насилствата во Собранието од 27 април годинава, утрово е уапсен во неговиот стан во Куманово, потврдија од Министерството за внатрешни работи.
Оттаму информираат дека 47-годишниот Југ е уапсен по претходна наредба од Основното јавно обвинителство Скопје од 16 мај оваа година.
„На 21 септември 2017 година, од страна на овластени службени лица при Секторот за внатрешни работи Куманово по претходна наредба од 16 мај 2017 година на Основно јавно обвинителство Скопје во врска со настаните од 27 април 2017 година во Собранието на Република Македонија е приведено лицето И.Ј. (47) од Куманово поради основано сомневање за сторено кривично дело учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејство“, стои во соопштението на МВР.
Југ се бараше со централна потерница распишана од Одделот за насилен криминал на СВР Скопје, поради основано сомневање за сторено кривично дело учество во толпа што ќе изврши кривично дело. Тој, како што додаваат од МВР се барал и со локална потерница од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Бит-пазар поради разбојништво.
Инаку, Игор Југ е водач на здружението „Владо Черноземски“ од Куманово, кое беше дел од т.н. „Патриотски фронт“.
Југ на 27 април беше дел од групата која успеа да стигне до прес-салата во Собранието, каде во тие моменти беа пратениците од актуелната владејачка коалиција. Тој беше облечен во црна маичка со симболот на проусташката организација „Хрватски оружени сили“ (ХОС).