Заев: Изградбата на хидросистемот Конско реализација на долгогодишна потреба на граѓаните

Премиерот Зоран Заев, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, гевгелискиот градоначалник Сашо Поцков и претставници на турската компанија  „Адали Холдинг“, кој е изведувач на работите  денеска во подпланинското село Конско кај Гевгелија со заедничко притискање на копче го означија почетокот на изградбата на хидросистемот Конско.

– Секогаш ми претставува посебно задоволство кога Република Македонија преку Владата вложува во нови капитални инвестиции и објекти кои директно придонесуваат за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, но задоволството е уште поголемо кога се најавува реализација на дамнешна желба и потреба на граѓаните од овој крај која е стара речиси 40 години, рече премиерот Заев  на почетокот од своето обраќање.

Истакна дека изградбата на хидросистемот Конско за граѓаните на општина Гевгелија ќе значи реализација на нивната долгогодишна потреба и желба за навремено снабдување со чиста и здрава вода за пиење, вода за наводнување која ќе дојде до нивите и плодните земјоделски површини, до плантажите и фармите, но и вода за спас на Дојранското Езеро.

Владата на Република Македонија, нагласи Заев, стои цврсто на определбата за реализација на крупни капитални инвестиции кои ќе донедат одржлив и долгорочен бенефит за граѓаните и развој на економијата.

Изградбата на овој хидросистем претставува најкрупен инфраструктурен зафат во овој регион во изминатите 50 години и ивнестиција која ќе има мултифункционална улога.

Клучната агротехничка функција на хидросистемот Конско ќе биде обезбездување на чиста вода за пиење, за наводнување на земјоделски површини со што ќе се создадат неопходни услови за равој на конкурентно земјоделство,  зголемување на производите за храна и на регионалниот економски развој.

Освен за наводнување, рече Заев, водите од акумулацијата Конско ќе се користат и за производство на електрична енергија, а дополнително ова вештачко езеро ќе претставува нова содржина во локалната туристичка понуда на општина Гевгелија и ќе создава услови за развој на туризмот, риболовот, рекреацијата и спортот.

– Со тоа директно ќе влијаеме врз здравјето и квалитетот на животот на граѓаните од целиот овој регион, рече Заев и апелираше до локалното население да им помага на турските компании, затоа што Турција е голем пријател на Македонија.

– Водостопанството како стопанска гранка е една од најклучните и претставува основа за развој на модерно земјоделие и други области од витално значење за развој на економијата во Македонија, рече во своето обраќање министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и нагласи дека како Влада секогаш сме фокусирани и работиме на сите проекти кои беа целосно застанати со цел да се обезбедат услови за повкалитетно земјоделско производство, поголеми приходи на земјоделците и поголем економски раст на државата.

– Браната Конско е една од најголемите капитални инвестиции во земјоделството во изминатите десет години и една од најголемите во регионот  со исклучително значење за жителите од овој регион, како и за цела Македонија, рече Николовски.

Браната Конско е со вкупна инвестиција од 2,4 милијарди денари обезбедени од  буџетот на МЗШВ преку Програмата за рурален развој. Таа ќе обезбеди вода за наводнување особено во сушниот период кога таа е најпотребна.

Во моментот од можните 12.326 хектари во овој регион  едвај се наводнуваат 2.632 хектари или уште пореално речено само 1.500 хектари.

– Со новото техничко решение преку изградбата на овој хидросистем ќе најдеме решение за наводнување на преку 8.000 хектари земјоделско земјиште од регионот односно за петпати ќе се зголемат наводнуваните површини што е главна цел на Владата, нагласи Николовски и посочи дека како ресорно Министерство интензивно ќе работат на реализација на други проекти од областа на водостопанството во Македонија.

Од име на изведувачот на работите турската компанија „Адали Холдинг“ и подизведувачот „Серка Таахут Иншаат“ се обрати Шефки Адали кој рече дека ова е нивна прва изградба на објект во Македонија, откако нашата земја пред неколку дена доби покана за членство во НАТО и ЕУ со што рече дека се надева дека и понатаму ќе се задржат во овој регион и дека ќе работат на реализација на други проекти во нашава земја.

За хидросистемот браната Конско истакна дека ќе се работи според планот и дека сите градежни работи ќе бидат завршени во договорениот рок.

Инаку висината на телото на браната Конско ќе изнесува 80 метри со површина на резервоарот од 21 милиони метри кубни вода.Libertas.mk

 

Translate »