Интервју со Цеце Николова: Моето место е на сцената – да пишувам, да инспирирам и да мотивирам

Колку време си во новинарските води? Кој кого “пронајде“ – новинарството тебе или ти него?

Хаа, интересно! Се најдовме заедно некако.. Знаете, после средно сите нешто лутаме и не знаеме што сакаме, а што не. Се замислуваме во секоја можна професија. Правиме грешки, иако има и такви кои од мали си знаат што ќе “бидат“ кога ќе пораснат.

Јас не бев од тие што од мали сонуваа дека ќе бидат “ова или она”. Во животов многу лесно знае да ми здодее нешто, па така желбата за професија си ја сменив едно 3-4 пати!.

Сè до мојот директен, неформален судир со новинарството. Водев еден настан, на кој, меѓу другото, требаше да ја раскажам и својата животна приказна. Не беше воопшто едноставно, бидејќи потоа морав да продолжам да го водам настанот исто како претходно ништо да не се случило. Тоа ми беше можеби најголемиот предизвик дотогаш, и следното утро си реков – да, тоа сум јас! Јас треба да бидам на сцена, да мотивирам, да инспирирам, да пишувам, да зборувам… И, еве, тука сум каде што сум… 🙂

До неодамна беше дел од Утринската на Сител, а паралелно работиш и на интернет портал. Кој медиум ти е поблизок и зошто?

Па, како што кажав и предмалку, сакам да пишувам – тоа го правам во „Точка“. А, сакам и телевизија, камери и таков вид на адреналин.

Пишаниот и телевизискиот медиум дефинитивно се два сосема различни светови. Иако во „Точка“ работам повеќе отколку што досега бев на ТВ екраните, сепак двата медиуми подеднакво си ги сакам.

Како изгледа телевизиската работа зад екраните? Кажи нѝ некоја интересна случка пред некое вклучување во живо. 🙂

Колку вклучувања во живо – толку лудории. Да не се тие сигурно работата би била многу здодевна.

Едно саботно утро, требаше да се вклучам во живо од Средно Водно, да најавиме некое планинарење по повод Денот на планината. Врнеше, немавме чадор, соговорникот доцнеше, сè беше “раскашкано“, немаше каде да застанеме и да им ги пренесеме информациите на гледачите. Јас реков дека немаме услови за вклучување, но снимателот рече дека ова е предизвик кој мора да го исполниме, хаха. Па така, љубезниот соговорник извади еден “сунцобран“, дршката ја стави во џеб, бевме заштитени двајцата, свиреа коли на сите страни, и цела Македонија ја кренавме на нозе :))) За да биде уште поинтересно, откако му го поставив првото прашање, човекот посегна по микрофонот – поради ситуацијата немавме баш време за да му кажам дека јас го држам микрофонот, хаха. Најголемата моја среќа во целата несреќа беше тоа што на сите им било забавно, и, ако ништо друго денот не им бил како времето, но и тоа што ова не излезе на социјалните мрежи!

Пред околу еден месец на Инстаграм објави дека наскоро ќе започнеш некој нов проект на Канал 5. Дали може да им откриеме на читателите за што всушност станува збор?

Убаво сте ме “истражиле“, хахаха. Станува збор за рубрика која јас ќе ја водам, но сепак, додека не се завршат и крајните договори, не би откривала повеќе. Buuut, како што се вели, stay tuned!

Оние кои те следат на Инстаграм добро знаат дека одлично пееш. Дали тоа би била твојата алтернативна професија?

Никако, хаха. Пеењето ми е хоби, отсекогаш сум сакала да пеам, но таа професија ќе им ја оставам на пејачите, а музиката никој не може да ми ја “земе“.

Како го користиш слободното време, што најмногу сакаш да правиш?

Најмногу сакам кога не морам ништо да правам, хаха. Но, кога ќе се одморам и кога знам дека немам обврски, во последно време се опседнувам со „Преспав“. За жал, претходно имав толку многу обврски, што немав време да изгледам буквално ниедна епизода, па сега надокнадувам.

Што е она што малкумина го знаат за тебе?

Хм… малкумина можеби знаат дека сакам да танцувам. Кога еднаш ќе “протанцуваш“, нема враќање. Едноставно танцот е живот.

Каде излегуваш, дали повеќе сакаш мирни и тивки места или ноќни клубови?

Дефинитивно попрвин би избрала мирно место со 3-ца гости, отколку некое актуелно скопско кафуле каде што одат најголемите “фаци“.

А, за овие вечерниве излегувања – латино, латино и само латино (танчерите ги знаат ‘скриените’ места). Океј, некогаш и караоке кај Мето :))

Што е она што најмногу знае да те “извади од кожа”?

Уф, за жал не една работа. Но, би го издвоила лицемерието, кое во многу ситуации во кои сум се нашла – пресудило. Не можам да работам или да се дружам со некој кој пред мене, во најмала рака е неискрен. Сакам искреност, колку и да е сурова понекогаш!

Дали постои навика која би ја променила кај себе?

Даааааа. Доцнењето! Секогаш се вадам на тоа дека “ѕвездите последни доаѓаат“, хахаха.

Постои ли личност во твојот живот од која црпиш инспирација?

Секако дека постои. Тоа веројатно е оној што ме научи на најголемите и најважните животни лекции.

Колку е Цеце различна во приватниот живот од онаа што ја гледаме на малите екрани?

Пред Сител, работев во детска емисија со Ивце Пивце. Морам да признаам дека таму повеќе си бев своја, бидејќи таква беше и целата емисија, детска, спонтана. Во другите емисии сепак треба малку поголема сериозност, која во приватноста многу не ме краси како особина.

Како те опишуваат пријателите?

Како биполарна, искрена, мистериозна, луда, добра и едноставна.

Каде се гледаш за 10 години?

Со оглед дека на 22 години навистина многу работи успеав да направам (вака нескромно), а и фактот дека пораснав во СОС Детско село – за 10-на години се гледам како “суперхерој“ кој успеал да изнајде начин да им ги реши најголемите проблеми на децата и младите без родители и родителска грижа. И, секако, како водител на моја емисија! 🙂

Translate »