Земјотресите ги предвиде наш астролог, прочитајте што не очекува во Новата година

Астрологот Виолета Спасеновска Марсол ги предвиде земјотресите што се случија во делови од Македонија еве кои се нејзините астрлошки прогнози:

Новата година ќе ни започне жестоко. Имено, почнувајќи од полноќ меѓу 1-ви и 2-ри јануари 2018 година и во текот на целиот ден на 2-ри јануари, над нашите глави ќе сјае полната Месечина. Таа ќе биде 14% поголема и 30% посјајна од типичната полна Месечина, според извештаите на НАСА. Оваа појава е наречена Супер Месечина или волчја Месечина. Бидејќи, според народните верувања, тогаш се будат врколаците и стапуваат во акција.

Меѓутоа, тоа не е се. Ѕвездите ни подготвуваат изненадување. Па, на 31-ви јануари 2018 година, не очекува уште една Супер Месечина. Притоа, треба да знаете, бидејќи ќе бидете бомбардирани со различни сензационалистички но во основа неточни информации, дека кога во истиот месец се случува два пати да има полна Месечина, тогаш полната Месечина која ќе се појави вториот пат се нарекува Сина Месечина (Blue Moon).

Овој пат, Сината Месечина која ќе го осветли небото над нашите глави на 31-ви јануари, ќе претставува тотална Лунарна Еклипса (затемнување на Месечината). Таа ќе биде видлива на небото над западниот дел на Северна Америка. Па, преку Тихиот Океан ќе се движи до источниот дел на Азија.

Инаку, без оглед на медиумските шпекулации кои најверојатно ќе ги следат овие појави, имајте в предвид дека не се пронајдени докази за каква било поврзаност меѓу појавата на Супер Месечината и големите земјотреси или цунами. Иако, земјотресот (магнитуда 9,1) и цунамито во Тохоку во 2011 година се случија на 11-ти март 2011, а Супер Месечината беше на 19-ти март 2011 година. Додека земјотресот со магнитуда 7,8 кој се случи во околината на Калверден, Нов Зеланд, на 14-ти ноември 2016, беше на ист ден со Супер Месечината.

Сепак, едно е сигурно. Во првите денови на новата година, влијанието на полната Месечина ќе биде засилено поради блискиот контакт на Марс, планетата на акцијата, агресијата и страста со планетата на среќата и експанзијата, Јупитер. Тие ќе примаат поволни вибрации од Нептун во Риби, магот на илузиите кој е во своето седиште. Овие аспекти се знак за голема креативност кај луѓето. Посебно меѓу оние со уметнички професии и оние кои се занимаваат со духовна работа. Но, истовремено се и знак за претерана чувствителност, раздразливост и претерана употреба на алкохолот и дрогите. Затоа, ви препорачувам во првите денови на новата година да бидете повнимателни во сообраќајот и да не седнувате зад воланот во такви моменти.

Што ни порачуваат останатите планети

До 12-ти јануари, Меркур, планетата на комуникациите, трговијата и патувањата ќе престојува во авантуристички расположениот Стрелец и нема да прима неповолни влијанија од остатокот на ѕвезденото јато. Тоа е предиспозиција луѓето да бидат весели, опуштени, да уживаат во празничните денови и во славите, како и во дружбата со пријателите. Потоа, луѓето ќе бидат позаинтересирани за патувањата и за контактот со се што е поврзано со странство, странците, религијата, духовната работа, правото и правдата. Оваа тенденција не се однесува само на обичните луѓе. Таа ќе ги зафати и државните институции. Па, постои можност за засилена дипломатска и црковна активност и за размена на делегации со странските земји.

Од 12-ти, па до 31-ви јануари 2018 година, Меркур ќе го продолжи својот од низ пресметливиот и штедлив Јарец, кој е попрагматичен и поекономичен од Стрелецот. Тоа ќе предизвика луѓето да станат позатворени и порестриктивни. Затоа, откако ќе ги сведеме сметките за потрошеното во изминатиот период, секој од нас ќе го подзатегне ременот, бидејќи ќе сфати дека во изминатиот период ги оптегнал нозете повеќе отколку што му дозволувала чергата. Така, сите по 12-ти јануари ќе покажуваме тенденција повеќе да штедиме.

На државно ниво, во периодот од 12-ти до 31-ви јануари 2018 година, би требало да се активираат разговорите, активностите и мерките поврзани со економијата. Ќе се прави рекапитулација на изминатата година на финансиски план, ќе се планира буџетот за наредната година, ќе се дискутира да се донесат мерки поврзани со штедењето или мерките ќе преминат во фаза на реализација.

Планетата на љубовта, Венера, ќе продолжи да се движи низ воздржаниот Јарец до 19-ти јануари 2018 година. Таа на земјените и водените знаци, како што се Бик, Девица, Јарец, Рак, Шкорпија и Риби, би требало да им донесе огромен бран на позитивни вибрации кои ќе им дадат потстрек да си го средат љубовниот живот. Но, ќе им донесе и повеќе среќни околности и шанси поврзани со љубовта. Посебно во периодот околу дочекот и во првите денови на Новата 2018 година.

Поради убавите аспекти што Венера ќе ги прави со Јупитер и Нептун и поради тоа што астероидот Лилит исто така ќе биде во Јарец и постојано ќе и дише во врат на Венера, постои голема веројатност дека тоа ќе иницира нови вљубувања, интересни љубовни авантури, нагласена сексуалност, многу страсти и расипана фантазија. Па, контактите меѓу луѓето веројатно ќе почнат под дејство на алкохол или заради поприземни потреби. Но, со текот на времето би можеле да прераснат во сериозни и стабилни врски. Па, дури и да завршат со брак. Бидејќи, Јарецот во кој ќе се наоѓаат Венера и Лилит, секогаш тежнее да ги доведе работите кон нешто што е сериозно и трајно.

Периодот од 7-ми до 13-ти јануари 2018 година, кога Венера ќе го сретне Плутон во Јарец, а ќе добива поддршка од Марс и Јупитер во Шкорпија, ќе биде време за кармички љубовни средби. Тоа значи дека кого и да запознаете во овој период, со кого и да започнете врска, таа личност сте ја познавале и во некој од минатите животи. Во што ќе се претвори тој контакт ќе зависи од вашите кармички долгови. А, нив недвосмислено ќе ги покаже вашата Натална Карта и Споредбениот Хороскоп меѓу вас и таа личност. Бесплатниот примерок на вашата Натална Карта можете да го направите на оваа страна, додека Споредбениот Хороскоп на оваа страна.

Па, ако вашата Натална Карта покажува дека имате кармички долг во љубовта, средбата во периодот од 7-ми до 13-ти јануари 2018, би можела да биде иницијалната каписла да се активираат кармичките записи. Доколку немате негативен кармички товар, тогаш веројатно ќе ја продолжите љубовната врска која била квалитетна, но прекината во некој од вашите минати животи, поради различни причини. Посебно ако вашиот знак или подзнак е Јарец, Девица или Рак.

Потоа, во периодот од 19-ти јануари до 11-ти февруари 2018 година, Венера ќе престојува во непредвидливата Водолија. Тоа ќе ги направи нејзините вибрации поексцентрични и ќе ја иницира кај луѓето потребата од дружење, слобода, експериментирање во љубовта и сексот. Нејзините вибрации би требало да го разбудат љубовниот живот кај воздушните и огнените знаци, како што се Близнаци, Вага, Водолија, Овен, Лав и Стрелец. Па, тие би можеле да го подобрат својот љубовен живот. Тоа значи, ако се сами, би требало да се зголемат шансите за интересни сексуални контакти кои не обврзуваат. Ако се во врска, ќе почувствуваат релаксирање на односите со партнерот. Но, и копнеж по авантура и пробување од забранетото овошје.

Марс, планетата на акцијата, агресијата и страста, цело време, до 27-ми јануари 2018 година, ќе престојува на свој терен, во страсната и сексипилна Шкорпија. Тоа значи дека тој ќе ја засили храброста, борбеноста, љубомората и одмаздливоста кај родените во знак или со подзнак во Шкорпија. Но, ќе предизвика и ерупција на емоции и страсти. Уште повеќе што вибрациите на Марс до 22-ри јануари 2018 ќе бидат поддржани и од поттикнувачките вибрации на Јупитер, планетата на среќата. Како резултат на овој огномет од вибрации би требало да следуваат многу понуди за љубов и секс за родените во знак или со подзнак во Шкорпија, Рак, Риби, Овен и Јарец. Посебно ако се и од женски пол.

Јупитер, планетата на среќата, ќе ги шири своите оптимистички вибрации во Шкорпија до ноември 2018. Но, неговото поттикнувачко и позитивно влијание во јануари 2018 година најмногу ќе го почувствуваат Шкорпиите родени во периодот од 8-ми до 14-ти ноември. Истовремено тие ќе мора да внимаваат колку и што јадат, со цел да не се здебелат нагло. А потоа, Јупитер ќе ги благослови и родените од 8-ми до 14-ти јули и од 27-ми февруари до 7-ми март.

Сатурн, мудриот и непоткуплив учител, ќе не искушува сите нас до крајот на март 2020 година. Но, во јануари 2018, неговите награди и казни најмногу ќе ги чувствуваат родените од 25-ти до 29-ти декември, од 22-ри до 26-ти јуни, од 21-ви до 25-ти март и од 23-ти до 27-ми септември. Казните ќе ги почувствуваат оние кои се мрзеливи, оние кои се огрешиле од законот, оние кои немаат изградено правилен став кон авторитетите, оние кои се занимаваат со политика и оние кои водат нездрав живот или се оддадени на пороци.

Повеќе на следниот линк:

http://astroscopia.com/themes.php?view=8&lang=3&art=31

 

Translate »