Грција прифаќа терминот Македонија да влезе во името-вели Османи
Постои консензус терминот Македонија да се најде во која било варијанта за решавање на спорот за името со Грција, изјави вечерва вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи. Тој во интервју во Анализа 24, рече дека грчките власти прифаќаат име во кое би бил содржан терминот Македонија.
Тој не сакаше отворено да зборува за можните решенија во моментов, нагласувајќи дека во интерес на целиот процес за конечно решавање на спорот не треба да се лицитра со имиња.
– Потребна е одлучност кај двете влади да се најде решение, тоа сега го гледам во двете влади, има волја и одлучност да се најде решение, независно од дневно-политичките притисоци, кои ги имаме како влади и како политички партии. Сега не треба да лицитираме со предлози, кои не се созреани. И ние, и Грците, нудиме предлози, а Нимиц треба да даде заедничко прифатливо решение, истакна Османи.
Додаде дека двете држави се обидуваат да пронајдат прифатливо решение кое нема, како што рече, да удира врз најчувствителните вредности на двете општества.
Османи рече дека во разговорите не може да се преговара за индетитетот и оти и Грците така се поставуваат, дека идентитетот не може да биде предмет на преговори.
Според него, грчката страна сака да се направи разлика меѓу нивниот регион и нашата држава.
Во интервјуто Османи рече дека досега на ниво на влада не е разговарано за промена на името на аеродромот и на автопатот, но смета дека треба да има реципроцитетни мерки на градење доверба меѓу двете земји кои, рече, може значително да го подобрат процесот.
Новата рунда разговори меѓу посредникот на ОН Метју Нимиц и преговарачите од Македонија и од Грција, Васко Наумовски и Адамантиос Василакис ќе се одржи на 17 јануари во Њујорк