Денеска сончево, за викендот дожд
Времето денеска ќе биде сончево со мала локална облачност, а кон крајот на денот облачноста ќе се зголеми, информираат од управата за хидрометеоролошки работи. Оттаму додаваат дека во текот на денот ќе дува слаб до умерен ветер, поизразен во западните делови од земјата. Температурата ќе се движи во интервал од 5 до 9 степени Целзиусови. Во Скопје ќе биде сончево со мала локална облачност и со слаб до умерен јужен ветер. Кон крајот на денот облачноста ќе се зголемува. Температурата ќе достигне до 9 степени.
За време на викендот ќе преовладува променливо облачно време, од сабота попладне со врнежи од дожд, на планините снег. Повеќе врнежи ќе има во недела, кои на крајот од денот ќе се префрлат кон исток и ќе преминуваат во врнежи од снег понекаде на повисоките места. Врнежите ќе завршат во понеделник наутро, но во понеделник преку денот ќе биде студено и ветровито со повремено засилен северен ветер.