Позитивна, важна и од историско значење е средбата на Зоран Заев и Алексис Ципрас според медијаторот Метју Нимиц. Во интервјуто за грчкиот весник „Катимерини“, специјалниот претставник на ОН во разговорите за името, коментира дека постои динамика за решение. Оптимист дека во соработка со меѓународната заедница, во координација на ОН, со Вашингтон, Брисел и Берлин, може да се постигне заемно прифатлив договор. Според Нимиц, јавува дописникот на МИА од Атина, сега сме пред историска можност што сите треба да ја искористиме.
Во однос на временскиот рок за решавање на проблемот, според „Катимерини“, во ОН се надеваат дека ќе се постигне договор до април, додека пак Нимиц, вели дека веќе се прават конкретни чекори за интензивирање на преговорите за постигнување договор.
„Можеме да преминеме кон брз процес за да постигнеме позитивен резултат за неколку месеци, а можеби и порано“, коментира медијаторот.
Според „Катимерини“, Нимиц предлага широка употреба на новото име од моментот кога нашата земја ќе се интегрира во Европската Унија, но не пред завршувањето на интегративниот процес, а во меѓувреме новото име да се користи во меѓународни организации и форуми.
Во однос на трети земји, според „Катимерини“, ѝ се предлага на секоја земја да има право да го употребува името или на македонски јазик, или на англиски или да го преведе на кој јазик сака.
„Ако на пример се одбере „Нова“ или „Горна Македонија“, многу земји ќе го користат англиското име „Republic of New Macedonia“ или „Republic of Upper Macedonia“. Други, меѓу кои и Грција, ќе можат да го користат словенското име „Република Нова Македонија“ или „Република Горна Македонија“. Во истата рамка, во однос на промена на Уставот, Нимиц смета дека тоа е во надлежност на политичкото раководство на ПЈРМ и на професорите по уставно право во земјата, како што потенцира извор од ООН, пишува „Катимерини“, пренесува МИА.