Дојран – Туристички бисер на Југоисточна Македонија
Летото во кое туристичката сезона се враќа во нормала, не’ става сите во позиција да најдеме одговор на прашањето: Каде да одиме попрво? Дојран е место кое многумина од вас веројатно одамна го немаат посетено, а сигурно би се изненадиле од тоа колку ова мало гратче е променето во последните неколку години. Неодамнешната инвестиција за изградба на зелена рекреативна зона, детски игралишта и парк за миленици преку Проект за локална и регионална конкурентност (ПЛРК) создава удобно катче за опуштање за секој член на семејството.
Станува збор за активности во рамките на проектот „Дојран – туристички бисер вo Југоисточна Македонија” финансиран од ЕУ и Владата преку Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК).Покрај изградбата на парк и зелена рекреативна зона, проектот опфати и реконструкција на пристапна улица и санирањето на летната музичка сцена со цел да се создаде дополнителен простор за организирање на разни музички и културни настани, , но и да се овозможи подобра туристичка понуда за посетителите на ова симпатично гратче покрај Дојранското езеро. www.dojran.com.mk
Подобрената инфраструктура и поставувањето на шеталишта насекаде околу Дојранското езеро овозможува конечно тоа да се види во сиот свој сјај, а големиот број на сместувачки објекти ќе ви понудат различни видови сместување во зависност од вашите барања. Интимноста и мирната атмосфера која ја нуди Дојран ја прави оваа историски популарна туристички дестинација идеална за поминување мирен и опуштен одмор за вас и вашите најблиски.
Како оваа инвестиција ќе му помогне на Дојран да привлече повеќе туристи?
Анго Ангов, Градоначалник на О. Дојран: Со разубувањето односно урбанизирањето на централното подрачје на Дојран добиваме нови содржини со урбана опрема, нови детски игралишта, игралиште за миленици, летниковци, места за спортување и релаксација, како и ново осветлување кое недостигаше во тој дел, односно создаваме нова содржина којашто ќе биде дополнително катче во кое туристите и мештаните ќе можат да се опуштат и да уживаат во секој период од годината. За овој проект добивме многу позитивни реакции, па се надеваме дека во наредниот период ќе овозможиме и уште поатрактивни катчиња и на некој начин ќе привлечеме уште повеќе туристи.
Дали сметате дека ваквиот тип проекти ја менуваат перцепцијата за Македонија како туристичка дестинација?
Анго Ангов: Па да, секако. Нашата држава пред се е дестинација со природни убавини. Овој парк се правеше по сите европски стандарди, посебно лед осветлувањето и сите тематики кои се опфатени во истиот ќе привлечат повеќе воздишки од самиот посетител кој бара да си ги наполни батериите и да се релаксира со сето тоа што го нуди овој проект. Се залагавме за зачувување на најдрагоценото, а тоа е заштитата на зеленилото кое не опкружува, односно на животната средина која најмногу придонесува за нашето здравје.
Со проектот е опфатено уредување на околу 30.000 квадратни метри зелена површина, а дел од средствата се вложени и во обезбедување и обележување на пристапни патеки, улица и осветлување. Целокупната инвестиција чини околу 650.000 евра, а средствата се обезбедени прекуПроектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК), кој претставува иницијатива финансирана од Европската Унија и Владата на Република Северна Македонија. Проектот го администрира Светска Банка, а истиот се спроведува од Кабинетот на Заменик на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции. Целта на овој проект е да го зголеми учеството на туризмот во локалниот економски развој преку подобрување на инфраструктурата, унапредување на капацитетите за сместување и угостителство, збогатување на туристичката понуда и зголемување на конкурентноста на туристичкиот сектор.
Повеќе за проектот дознајте на: https://lrcp.mk/