Како да ја искористите технологијата за едукација на вашето дете?
Новите генерации практично се раѓаат и растат со еден куп технологија околу нив – смартфони, таблети, телевизори и компјутери, па затоа е само прашање на време кога ќе почнат да ги користат активно. Но, ова не треба да ве заплашува бидејќи целата таа технологија може да послужи за едуцирање на вашето дете, само ако ја користите правилно.
Детскиот ум е љубопитен, разигран и жеден за нови знаења, но многу често му е потребна стимулација која ќе го насочи неговото размислување. Понесени токму од желбата за учење на нови работи, синот Константин и таткото Димитар ја креираа мобилната апликација Букви, преку која децата можат да научат да читаат и пишуваат, да размислуваат креативно, но и најважно – да се забавуваат.
Букви за првпат беше лансирана во 2017 година како апликација која има за цел да им помогне на децата да ја научат македонската азбука, бројките и основните математички операции преку интересни игри, загатки и сценарија кои ќе им го задржат вниманието. Оттогаш, апликацијата е преземена повеќе од 40.000 пати и оценета е со рејтинг од 4,8 на PlayStore, што е скоро совршен скор. Таа може бесплатно да се преземе со клик на линкот ТУКА, а нејзиниот креатор Димитар вели дека таа ќе остане бесплатна засекогаш бидејќи е „подарок за сите деца“.
Децата најчесто земаат пример од своите родители и го копираат нивното однесување. Затоа доколку тоа ве гледа по цел ден со смартфон во раката, и самото ќе сака да личи на вас. Ако се плашите за вашето дете, најпрво тргнете од себе и предложете други забавни активности кои можете да ги правите заедно, но никако не им забранувајте допир со технологијата. Сепак, со нејзината употреба ние, нашите најмали и сите во светот остануваме во чекор со времето, се надградуваме и учиме нови работи.
Направена од децата за децата, Букви е апликација која е направена така што ќе ја разбуди љубопитноста и креативноста кај децата, но нема да предизвика зависност. Тоа го потврдуваат и статистиките, кои покажуваат дека децата ја користат оваа апликација по десетина минути во денот – сосем доволно време за учење нешто ново, но сепак не премногу како за време поминато пред телефонскиот екран.
Играта постојано се надградува и добива нови верзии, со проширени опции и нови игри. Динамичното дуо составено од таткото и синот Димитар и Константин се надева дека во иднина играта ќе биде достапна на што повеќе јазици, но и дека нивната креативна моќ ќе резултира во креирање на уште една детска игра.