Речиси четири децении по мистерозната смрт на американската актерка Натали Вуд, повторно во центарот на истрагата се наоѓа нејзниот сопруг, сега 87-годишниот Роберт Вагнер.

Четириесеттина години не престануваат нагаѓањата за смртта на славната актерка на 43-годишна возраст, откако во 1981 година го загуби животот давејќи се под сомнителни околности. Познато е дека Натали Вуд била на јахтата заедно со Роберт Вагнер, актерот Кростофер Вокен и капетанот на јахтата на американскиот национален празник Денот на благодарноста таа 1981 година кога нејзиното тело е пронајдено во морето близу Санта Каталина во Калифорнија.

Во почетокот смртта на Вуд била сметана за несреќа, но случајот повторно беше отворен во 2011 година, за да се испита вмешаноста на Вагнер во случајот. Капетанот на јахтата рекол дека во ноќта на исчезнувањето на актерката слушнал жестока расправија меѓу Вуд и Вагнер, а патолозите во списите ја измениле причината за смртта пишувајќи дека станува збор за „давење или други неутврдени фактори“. Но ниту тогаш Вагнер не бил наведен како осомничен.

„Знаеме дека Вагнер е последната личност којашто била со Натали пред нејзиното трагично исчезнување“, изјави во четвртокот шерифот на округот Лос Анџелес, Џон Корина, во емисијата „48 часа“ на американската телевизиска мрежа CBS News.

Полицијата извести дека во 2013 година најмалку десет пати се обидела да го испраша Вагнер, меѓутоа тој секогаш одбивал. Негирал каква и да е вмешаност во смртта на неговата тогашна сопруга.

За мистериозноста на смртта на актерката придонеле и контрадикторните изјави за настаните на јахтата. Вагнер во своите мемоари пишува дека тој и Вокен се скарале таа ноќ, а кога тргнал да легне сфатил дека ја нема неговата сопруга, ниту чамецот за спасување. Подоцна изјави дека станува збор за несреќен случај, дека неговата сопруга заминала во гумениот чамец по жестока кавга и дека тогаш последен пат ја видел.

Според најновите податоци постојат очевидци коишто ноќта на трагичното исчезнување на Вуд пловеле во близина на јахтата на којашто сé се одвивало. На полицијата ѝ кажале дека слушнале жестока кавга на двојка. Истото го потврдил и капетанот на јахтата. Со обдукцијата извршена постхумно, утврдено е дека некој ја нападна актерката, бидејќи на раката, на зглобот и на вратот имала модринки. Но ниту во тој период истрагата нејзината смрт не ја воделе како убиство.

„Поединостите коишто Вагнер ги изнел не се совпаѓале со она што го кажале другите сведоци. Се чини дека постојано ја менувал приказната којашто едноставно не се совпаѓала. Убеден сум дека знае повеќе, бидејќи тој без сомневање бил последниот којшто ја видел жива“, вели Корина.

Инаку Кристофер Вокен до денес во јавноста никогаш не сакаше да проговори за кобната ноќ.