Груевски и Јанкуловска цела недела на судењa
Јанкуловска и Груевски ги чека напорна недела во скопските судови. Поради набавката на луксузниот „мерцедес“ од 600.000 евра, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, неделава ќе треба да се појави три пати на судење. За предметот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство се закажани рочишта во понеделник, вторник и петок.
Јанкуловска во овој предмет се товари за злоупотреба на службената положба. Според обвинението преку Министерството за внатрешни работи е набавен мерцедес од 600.000 евра за да се исполни желбата на тогашниот премиер, Никола Груевски. Освен Јанкуловска, обвинет е и екс-помошникот министер во МВР, Ѓоко Поповски. Груевски, пак, се товари за „примање награда за противзаконито влијание“.
„Мерцедесот“ е повторно во центарот на вниманието затоа што Владата најави негова продажба со цел со парите во идина да се купат возила за Брза помош. Но според последното вештачење неговата вредност е тројно намалена, така што Владата ќе може да го продаде најверојатно за околу 200.000 евра.
Екс премиерот, пак, неделава е на четири судења во Кривичниот суд. Освен за „Тенк“, Груевски во среда ќе треба да седне на обвинителна клупа за предметот „Траекторија“, односно за договор со кинеската фирма Синохидро за изградба на два автопати.
Неделава се закажани судења и по предметите „Труст“ и „Тарифа“.