Македонски мачо маж! Правам што си сакам, а дома ме чека топла вечера!
Станувам и ме чека топло кафе. Се облекувам за 3 минути. Фармерките и кошулата се чисти и тазе испеглани. Браво, беспрекорно, не се жалам и не се фалам, мене , бре, се добро ми стои. Појадокот е на масата, цеден сок…Додека јадам, се обидувам да го поминам второто ниво на мобилниот, ама не ми оди… малку се нервирам, ех тоа ти е живот! Децата врескаат во другата соба, ама жената е таму, ќе среди. За десет минути се готови. Се симнуваат долу со мајка им, со ранците и шаловите , палам колата и тргам, некој мора да ги однесе на училиште. Му викам на синот да си ја намести капата, ќерката ја прашувам кога ќе ја поправи тројката англиски. Спокојно си возам, мајка им ги испрашува по пат и им ги мести капите, арно и текна. Додека чекам жената да им ги даде ранците и кесите, кликам на телефонот, не мислам ништо, тежок ден е пред мене…Еден идиот ми се закачи, сум паркирал на влезот…а бе , ајде таму лечи се, какви сељаци има, бог да чува!
На работа ко на работа . Шефон нешто вицкаст, ама кој го врти…Ќе му кажам на баџанакот да го подбере малку, директор ли е или не , мајката?! Јас за плата сум тука, не за зафрканции. Околу четири се договораме со другарите да одиме на пиво. Арно им текна! Што ќе праев дома, треба да умрам од досада.
И се јавив на жената да ги земе децата оти ќе се вратам накај осум. Нормално задоцнив, имаше продолжение и останавме до крај да го изгледаме фудбалот. Влегувам дома, мирно е , изгледа жената ги легнала да спијат, ми треба одмор. На масата ме чека вечера, баш како што сакам.
Чекај, ми напишала нешто на ливче…
“Те напуштам, мислиш само на себе”