Професионален спасувач: Како беа спасени Французите на Шара, зошто не се применети процедурите за спасување на Калина и Александар
Извештај на Планинска спасителна служба (ПСС) во врска со настаните од 10 и 11.02 2018 година.
Како што јавноста беше претходно запознаена преку медиумите за време на викендот 10.-11.02.2018г. во регионот за Шар планина беа спроведени две акции/потраги за спасување на загубени/исчезнати лица. Во овие случувања директно инволвирани беа двајца Француски, двајца Косовски и четри Македонски државјани.
Сакаме да напоменеме дека Планинска Спасителна Служба (ПСС) е дел од приватната компанија Вертикал Солутионс ДООЕЛ Скопје. Истата во моментов веќе шеста сезона работи на обезбедување на ски центарарот Попова Шапка и нема никакви обврски и задолженија да дејствува вон скијачките терени.Така што и во двете акции кои се превземени, на терен се работеше исклучиво волонтерски и на сопствен ризик. Се разбира со несебична поддршка од страна на ски центарот и службите во него.
Ова е официјалниот извештај на ПСС во врска со овие настани:
Случај 1
10.02.2018г. Сабота
Во 15:30ч. ПСС добива дојава од страна на полицијата, при полициска станица “Попова Шапка“ за две исчезнати лица (француски државјани) во регионот на Шар Планина. Нашиот тим веднаш се упати во локалната ПС заради прибирање на дополнителни информации. За жал тие беа многу оскудни. Сé што добивме беше дека лицата се заминати утрината, дека се странци, дека нема никаков контакт со нив и дека има некакава дојава дека се наоѓаат кај некаква карпа на која пишува Б92 (за која за жал никој не можеше да даде информација каде и во кој регион се наоѓа).
Од страна на ПСС веднаш веднаш беше побарано од полицијата да поднесе барање до мобилните оператори да почнат со потрага по било каков сигнал (преку локалните предаватели) на еден од телефоните на еден од исчезнатите, кој ни беше испратен од негов пријател во Куманово. Откако полицијата почна да постапува по нашето барање, од Француската амбасада во Скопје пристигна некаква фотографија од сателитска снимка на која беше усликана една позиција (Подоцна оваа фотографија ќе се покаже како клучна за пронаоѓањето и среќниот крај на исчезнатите лица). Истата фотографија беше внимателно разгледана од стана на нашиот тим, беа извлечени приближни координати и истите беа префрлени во ГПС уред, по што под претпоставка дека ова е локацијата на загубените и дека истите се останати на оваа локација (т.е. не се во движење) веднаш се пристапи на мобилизација на целиот тим и обезбедување дополнителни сили за изведба на ваква комплексна акција.
На наша среќа, на повикот веднаш одговорија членовите на приватната компанија Eskimo Freeride (приватна компанија од Р.Хрватска која се занимава со транспорт на клиенти на терени за скијање вон патеките и истата поседува неколку ратрака) кои исто така веќе имаа некаква информација и во моментот на нашето јавување веќе вршеа подготовки за поаѓање. Од овој момент, започна координирана акција меѓу нашите две компании за пронаоѓање на исчезнатите француски државјани. Тимот на ПСС и ратраците на Ескимо фрирајд, со нивниот персонал, се упатија во правец на координатите кои ги имавме, а за тоа време ратрак на ски центарот со стучно лице и еден спасител од ПСС беа оставени на почек како резервна варијанта, во случај нешто да се случи со првиот тим кој излезе на терен.
Потрагата започна околу 16:20 ч. Во екстремно тешки услови: густа магла, силен ветар, ноќ, и ниски темпаратури. (условите се гледаат и на снимките и фотографиите објавени подолу). Видливоста беше речиси нула и по овие услови дури и двата искусни тима имаа проблем да се ориентираат дури и според ГПС уреди, особено заради тешкиот терен со амбиси и многу карпи.
Според меѓусебниот договор, и знаејќи дека теренот од кои се координатите е исклучително тежок за комплетен пристап, се направи план да се пристапи најблиску што е можно до локацијата, а од таму да се продолжи со потрага пеш и со повикување.
Ова беше во целост спроведено и по неколку неуспешни обиди поради лошиот терен и слабата видливост, сепак успеавме да најдеме безбедна рута и да се приближиме најблиску што е можно до унесреќените, по што веднаш ги слушнавме нивните повици за помош и наскоро ги лоциравме. Пронаоѓањето беше во 18:00ч. Лицата веднаш беа згрижени, беа извршени прегледи на нивната состојба од страна на ПСС и беше констатирано дека и двајцата, лицето Б.Г. на 21 година и Б.Н. на 25 години се во добра психофизичка состојба, по што беше отидено на местото каде лицата пробувале да се засолнат и беа утврдени следните факти:
Двајцата другари утрината пристигнале во ски центарот Попова Шапка, виделе некаква апликација на интеренет на која постоела некаква маркација и покрај тоа што временските услови беа катастрофални, ги занемариле основните правила за планинарење и се упатиле во длабочината на планината. Која била нивната крајна цел, не се знае бидејки и тие самите не можеа да дадат информација околу ова. Лицата облечени во слаба/несоодветна облека (дуксери, тенки јакни, тенки ракавици и изнајмени панталони) се загубиле веќе по половина час откако започнале со турата.
По повеќе часовно лутање низ планината, сфатиле дека нема да можат самите да се извлечат од таму и дека ќе мора да побараат помош, но за нивна несреќа и двата мобилни телефони кои ги поседувале веќе биле со празни батерии поради ниските темпаратури. Тоа што го направиле во наредните неколку минути (пред да падне ноќта) и во наредните два часа потоа со сигурност ги спасило од сигурна смрт во текот на ноќта.
Едниот од нив ја извадил батеријата од мобилниот телефон и ја загревал на препоната додека не добил 1% енергија што било доволно да го отворат ГПС уредот, да ја усликаат својата позиција и да ја испратат таа фотографија со текст камен Б92 на свој пријател во Куманово. Во овој момент и последниот телефон замрел. За среќа нивниот пријател веднаш сфатил дека нешто не е во ред и ја алармирал француската амбасада во Скопје, која пак го пријавила случајот до полицијата, а таа ја проследи информацијата до нас.
Двајцата другари во продолжение на неколку наредни часови повеле уште неколку паметни постапки и донеле одлуки кои се од огромно значење за успехот на оваа спасителна акција. Имено истите решиле да не ја менуваат локацијата по ни една цена и да бидат активни по времето додека чекале за да ја одржат својата телесна темпаратура. Се заштитиле од директните налети на ветрот позади карпата и почнале да копаат бивак во снегот со цел да колку-толку се заштитат.
Во 19:00ч. лицата Б.Г и Б.Н. Беа безбедно транспортирани во хотелот “Арена“ на Попова Шапка каде беа згрижени, затоплени, добија топол оброк и престој во хотелот до следниот ден кога го напуштија ски центарот.
На крај на овој извештај, јас Дарио Милошевиќ (раководител на ПСС при Вертикал Солутионс) сакам да изразам неизмерна благодарност до целата екипа на Eskimo Freeride и членовите на ПСС кои несебично и ризикувајќи го сопствениот живот одговорија на овој огромен предизвик, со цел да бидат спасени два млади човечки животи, кои со сигурност ќе згаснеа во текот на ноќта доколку не постоеше ваква навремена реакција. Се разбира огромна благодарност и до ски центарот Попова Шапка и ЕЛЕМ-турс за техничката помош и упорноста да се помогне.