Корисни совети за безбеден сообраќај во зима
Со оглед на фактот дека денес и во текот на наредниот период во Република Македонија ќе владеат зимските услови на патиштата, ве потсетуваме на неколку правила поврзани со подготовката на автомобилот, мерките на претпазливост и возењето во зимски услови.
- Општи мерки и препораки за возење во зима и подготовка на возилото
- Доколку не морате да патувате со автомобилот, користењето на алтернативен превоз (такси, автобус) во лоши временски услови е секогаш подобро решение.
- Задолжително користете соодветна зимска опрема. Зимски гуми претпоставуваме веќе имате ставено.
- Задолжително проверете ја техничката исправност на возилото и бидете сигурни дека возилото е во исправна состојба.
- Не го загревајте возилото во затворен простор, како на пример гаража.
- Не го оставајте возилото со недоволно гориво во зима. При евентуалното заглавување во снежно невреме, горивото ќе ви биде клучен ресурс.
- Проверете го нивото на антифриз, обезбедете соодветна течност за стакла за зимски услови и проверете дали бришачите се во исправна состојба.
- Добро запознајте се со временската прогноза и со рутата ако патувате на подолг пат.
- Известете ги блиските за дестинацијата, времето на поаѓање и планираното време на пристигнување во случај да патувате на подолг пат и во изолирани и планински места.
- Прилагодете ја брзината на условите на патот.
- На снег и мраз, за секој маневар е потребно подолго време, затоа потребно е да се предвиди повеќе простор за кочење, вртење, вклучување, претекнување.
- Растојанието до возилото пред вас треба да е поголемо од вообичаено.
- Забрзувањето и кочењето мора да биде мошне внимателно и успорено.
- За забавување на возилото најдобро е да се користи моторно кочење и да се избегнува притискање на сопирачката колку што е можно. Доколку користите сопирачки, правете го тоа мошне полека, никако нагло или со силен притисок.
- Лесното додавање гас е најдобриот начин да се избегне излизгување и превртување на тркалата.
- Не додавајте гас на нагорнини и места со натрупан снег, кал или мраз.
- Не застанувајте на нагорнина, бидејќи поаѓањето од место на замрзната нагорнина е многу тешко.
- На надолнините возете мошне споро, во ниска брзина и со моторно кочење.
- Работи кои може да ви користат и е добро да ги имате со себе
- Полнач за мобилен телефон за во кола
- Електрична ламба на батерии
- Кабли за стартување на возилото
- Кабли за влечење
- Лопата за снег
- Дополнителна топла облека или ќебиња и храна (за на подолг пат).
- Совети доколку останете заглавени во снежно невреме
- Aко заглавите во снежно невреме останете во возилото. Во секој случај, тоа е најчесто најдоброто засолниште што ќе го имате , а така и полесно ќе ве најдат спасувачките екипи.
- Ако автомобилот работи, осигурајте се издувните цевки да не бидат прекриени со снег, мраз или кал. Блокираните издувни цевки може да предизвикаат навлегување на токсичниот јаглерод-моноксид во автомобилот .
- Заврзете парче облека или платно со јака боја околу антената на колата или заглавете го со прозорот.
- Во темница, можете да ја оставите упалена сијаличката која е на кровот од автомобилот, бидејќи не троши многу од акумулаторот. Оваа ќе помогне полесно да бидете лоцирани.
- Вклучувајте го моторот само онолку колку што е потребно да се ублажи неподносливиот студ.
- Паркирање
- Не ги оставајте бришачите во активна позиција, бидејќи може лесно да се залепат на ветробранското стакло и да се оштетат.
- Исправете ги тркалата и под нив ставете цврст материјал, за да може полесно да тргнете со возилото
- Не паркирајте на нагорнина или надолнина доколку е возможно