Лазар Еленовски е назначен за специјален пратеник на РМ за НАТО
Владата на вчерашната 56 седница го разгледа и прифати Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2018 година.
Владата го усвои предлог – законот за меѓународна и привремена заштита или закон за азил. Со него се врши усогласување на националното со европското законодавство во областа на азилот односно меѓународната заштита. Предлог законот беше доставен на мислење и до Европската Комисија во Брисел и во истиот се инкорпорирани сите забелешки.
На предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, министрите ја усвоија информацијата со предлог решение за нормално функционирање на ИПАРД програмата и за соодветно искористување на средствата од ЕУ.
Владата одлучи свои простории во центарот во Струга да добие „Сојузот на борците од НОАВ на Македонија“.
Бујар Дарлишта е именуван за в.д. директор на Управата за водење на матични книги, а Лазар Еленовски е назначен за специјален пратеник на Владата на Република Македонија за НАТО интеграции во Брисел.
Владата отповика неколку конзули на Република Македонија – станува збор за Ричард Голдман, Џејсон Мико, Томас Танеф, Ендру Димитри Пејкоф, Лоу Влашо, како и Пуршотам Карамангала Џајарам.