Се воведуваат еколошки налепници, еве како ќе се категоризираат возилата
Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, денеска, одржа прес конференција на која ги појасни новите измени во Законот за возила со кој се воведуваат еколошки налепници, субвенции за електрични и хибридни возила и нивното позитивно влијание врз намалувањето на загадувањето на амбиенталниот воздух и здравјето на граѓаните.
Макрадули истакна дека со предложените измени на Законот за возила, Владата на Р. Македонија започнува со координирана и интегрирана акција во борбата за здрава животна средина и справувањето со аерозагадувањето, каде урбаниот транспорт претставува важен сегмент.
Возилата што нема да стават налепница ќе бидат предмет на почести контроли за количината на издувни гасови од возилото.
Ако не ги исполнува стандардите ќе биде исклучен од сообраќај, а казните ќе се движат од 300 евра па нагоре.
– Согласно европските еколошки стандарди и добри практики, со предложените измени на Законот за возила, се воведуваат еколошки налепници за возилата, кои ќе бидат поделени во три еколошки категории во зависност од европските емисиони стандарди (ЕУРО 1, ЕУРО 2, ЕУРО 3, ЕУРО 4, ЕУРО 5 и ЕУРО 6) и од погонот на моторот на возилото, (на течен нафтен гас или на компримиран земјен гас, на електричен погон или хибридно возило). Согласно одлуките донесени од општините, односно од Град Скопје, во деновите кога ќе се утврди надминување на прагот на загаденоста во градските средини, се воведува ограничено движење во заштитени еколошки зони. Возилата од првата еколошка категорија (возила со европски емисиони стандарди ЕУРО 5 и ЕУРО 6, како и возила со емисија на издувни гасови ЕУРО 4 на кои е вграден уред на течен нафтен гас или компримиран земјен гас, хибридни возила и електрични возила) се означени со еколошка налепница во зелена боја, и ќе може слободно да се движат во заштитените еколошки зони, се вели во соопштението од Министерството.
Возилата од втората еколошка категорија, која ги опфаќа возилата со европски емисиони стандарди ЕУРО 3 и ЕУРО 4, како и возилата со емисија на издувни гасови ЕУРО 2 на кои е вграден уред за погон на течен нафтен гас или погон на компримиран земјен гас, ќе се означуваат со еколошка налепница во жолта боја за кои ќе има ограничено движење во сообраќајот.
Возилата од третата еколошка категорија, која ги опфаќа возилата со европски емисиони стандарди од ЕУРО 2 и пониско, како и возилата за кои производителот нема дефинирано емисија на издувните гасови, ќе се означуваат со еколошка налепница во црвена боја и за овие возила ќе се воведе забрана за движење во општините во период кога има загадување на воздухот.
Еколошката категоризација на возилото ја прави овластена техничка служба.
Граѓаните сами ќе ги плаќаат налепниците во црвена, жолта и зелена боја која ги најави Владата. Заменик министерот за животна средина Јани Макрадули очекува налепниците да придонесат за намалување на аерозагадувањето, бидејќи како што вели транспортот е втор најголем загадувач.
Автобусите и камионите во оваа фаза ќе куртулат од мерката.
Макрадули вели – оваа мерка мора да се воведе со оглед на фактот што во Скопје секојдневно влегуваат околу 30 илјади возила од внатрешноста на земјава.
Бројките говорат дека во земјава се регистрирани околу 460 000 возила од кои над 77 % се со еуро 1, еуро 2 или без стандарди што значи дека ќе ја добијат црвената налепница што значи дека ќе им биде забрането да возат во деновите кога воздухот ќе биде многу загаден.
Владата вели дека мерката нема да удри врз џебот на граѓаните.
„Здравјето е најважно, сите треба да го решаваме проблемот со загадувањето, кажа Јани Макрадули зам. мин за екологија.
Иако дневно во градот во периодот од 11 до 13 часот влегуваат околу 30 000 возила, ограничување на движењето што ќе го наметнат налепниците нема да го отежни движењето низ градот, уверува Макрадули.
„Градот ќе возврати со нови автобуси, поеколошки ќе е сообраќајот, ќе ја заборавиме комоцијата да се возиме сами во кола, мерката ќе важи и за институции и курурски служби”.
Со донесување на законот за изменување и дополнување на Законот за возила, согласно заклучоците на Владата на Република Македонија ќе се утврдат и одредби со кои Министерството за економија се задолжува за воведување на Програми за доделување на субвенции при купување на возило на електричен погон или поврат на дел од средствата на физичките или правните лица кои ќе купат возило на електричен погон или хибридно возило.
Со Програмата за субвенционирање на купување на нови хибридни и електрични возила, се предвидуваат субвенции од 5.000 евра во денарска противвредност за набавка на електрични возила, а 3.000 евра во денарска противвредност за набавка на хибридно возило, а во првата година се предвидува да бидат доделени субвенции за 200 возила.
Со овој закон се предвидува Програма за субвенционирање на трошоци за вградување на уред за погон на ТНГ, метан или друг вид на алтернативно гориво во постоечките возила.
Со Програмата се субвенцинира 50% од цената на трошоците за набавка и вградување на уредот, но не повеќе од 300 евра во денарска противвредност за возило и се предвидува да бидат опфатени над 1200 возила на годишно ниво.
Истовремено со овој Предлог на закон се предвидува Програма за субвенционирање на купување на нови возила со одјава на старо возило со цел да се зголеми увозот на нови возила во однос на половните и значително ќе се забрза обновата на возниот парк, што значително ќе се влијае на намалувањето на загадувањето на амбиенталниот воздух.
Исто така, на барање на здруженијата на такси превозниците, за нив се воведуваат жолти таблици со кои ќе се воведе ред во такси услугите и со кои, од една страна, ќе се намали нелојалната конкуренција, а од друга, ќе се зголеми квалитетот на услугите што им се нудат на граѓаните.
Освен тоа, законот ги утврдува и стандардите за регулирање на системот за вградување на плински уреди на возилата.
Сите овие измени имаат за цел имплементација на европските еколошки стандарди и поттикнување на купувањето на електрични и хибридни возила, со што долгорочно ќе се влијае врз намалувањето на загадувањето на амбиенталниот воздух, кој го предизвикува сообракајот.
Возилата што нема да стават налепница ќе бидат предмет на почести контроли за количината на издувни гасови од возилото.
Ако не ги исполнува стандардите ќе биде исклучен од сообраќај, а казните ќе се движат од 300 евра па нагоре.