Поранешна началничка на УБК, што ги бришела трагите од прислушкувањето, работи во ОНЕ.ВИП
Елена Џиланова поранешна началничка на Единица за телекомуникации при Одделот за оперативно техничка поддршка на операции во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), која призна вина во предметот „Таргет“ на СЈО и добилa условна шест месечна казна затвор, успеала да се вработи во мобилниот оператор ОНЕ.ВИП, пишува порталот „Сведок“.
Џиланова беше осудена дека ги избришала трагите за прислушувањето по налог на Горан Грујевски од серверите на Т-мобиле, ВИП и ОНЕ. За тоа што го направила поминала само со условна казна на суд, а според судската пресуда, сега работи како постар специјалист во СОКС и ИЦС Компетенс центар во ОНЕ.ВИП ДООЕЛ Скопје.
Со признавањето на вина, Џиланова, како обвинета во предметот „Таргет“ добила условна 6 месечна казна затвор, која нема да се изврши доколку осудената во наредните две години не стори ново кривично дело. Позицијата на која сега работи екс началничката на тајната полицаја во Оне.Вип ја споделила и на нејзин профил на социјалните мрежи.
Според пресудата, донесена од скопскиот кривичен суд во ноември 2017, а по обвинение покренато од СЈО и признание на вина, судот прифатил, а Џиланова признала дека за да ги прикријат трагите од прислушувањето со прикривање на трагите му помогнала на обвинетиот Горан Грујевски и на други лица да не бидат откриени дека се сторители на кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување, за кое е пропишана казна затвор од 5 години или потешка.