Пет имиња предлага грчката страна

Откако шефот на грчката дипломатија откри дека нацрт спогодбата е испратена до Скопје, грчките медиуми, меѓу кои и „Катимерини“ и „Та неа“ ги објави петте имиња што се содржани во грчкиот предлог. Всушност станува збор за истите идеи доставени од медијаторот Метју Нимиц, односно имињата:

Република Северна Македонија

Република Нова Македонија

Република Горна Македонија

Република Вардарска Македонија

Република Македонија (Скопје)

Како што јави дописникот на МИА од Атина, грчките медиуми во изминатиот период, топката ја префрлаат на македонска страна, повикувајќи се на изјавите на премиерот Заев и шефот на дипломатијата Димитров, како аргументи дека можеби е тешко да се постигне компромис.

– Никој не може да ги предвиди случувањата бидејќи можеби ситуацијата меѓу двете страни може да се карактеризира како смирена, но провокативните изјави, особено од Димитров, не создаваат услови за компромис. Како ставовите за историјата и културата што треба да ги споделат двете страни, така и инсистирањето на Заев дека не е потребно да се промени Уставот на Скопје, предвидуваат негативен резултат за преговорите, пишува „Та неа“.

Весникот ја анализира и внатрешно-политичката ситуација и во двете земји, со коментар дека во Грција не е воопшто сигурно дека евентуалниот договор би можел да помине лесно, и поради ставот на коалицискиот партнер во владата Независни Грци и поради ставот на Грците.

Во меѓувреме, официјално е закажана средбата на двајцата коалициски партнери во грчката влада. Во 17 часот по локално време, Алексис Ципрас и Панос Каменос ќе разговараат во премиерската палата, а не е исклучена можноста и прашањето за името да биде дел од агендата.

Translate »