ДУИ ЌЕ СЕ ОТКАЖЕ ОД ПРВ АЛБАНЕЦ ПРЕМИЕР, ДОКОЛКУ ЗАЕВ НЕ Е МАНДАТАР?
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) може да излезе со друг мандатар кој ќе ја формира Владата, а не со нејзиниот лидер Зоран Заев. Ова би можело да биде компромис меѓу СДСМ и ДУИ, кој ќе се откаже од својот предлог за прв Албанец премиер, велат извори од партијата за Iliria News Agency (INA).
Извори на партијата за агенцијата изјавиле дека ова прашање е на преговарачката маса, но дека ништо не е конечно, бидејќи на Заев му е тешко да се откаже, бидејќи тој е победник на изборите.
„Ова е еден од предлозите, кој има за цел владин кабинет без багаж и без биографии вмешани во прислушувања и скандали кои беа дел од политичките судири во изминатиот период“, дознава INA од партиски извори.
Според агенцијата, меѓународната заедница бара и Влада со нови имиња, кои не се вмешани во прислушувања и скандали за корупција, но и други скандали, бидејќи веќе е земја членка на НАТО.
Пред неколку дена и претседателот на земјата, Стево Пендаровски говореше во слична насока. Според него, следната влада треба да се формира со континуирано почитување на следниве три критериуми: прво, сите министри, не само оние кои се директно одговорни за европска интеграција, да бидат луѓе со демократски капацитет и проевропска ориентација; второ, да бидат луѓе кои не биле вклучени во никаква криминална афера, со оглед дека нашиот најважен предизвик во наредните години ќе биде владеење на правото, и последно, но не и најмалку важно, не само првиот ешалон на службениците, но и вториот и третиот, да добијат безбедносен сертификат од НАТО затоа што како земја-членка само тогаш ќе нè прифатат како сигурен партнер на Алијансата.