Нови истраги на СЈО “Попис”, “Моќник” и “Актор”

Партиите од претходната власт се сомничат дека го оштетиле буџетот за повеќе од 175 милиони денари, договарајќи се да го стопираат спроведувањето на пописот во 2011 година, кажа специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи на денешната прес-конференција на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), најавувајќи ја отворената истрага „Попис“ која се води против поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, односно лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

– Со цел да сокријат дека немаат капацитет да спроведат попис, односно неповолните факти за демографска состојба, што резултирало со иселување на работоспособно население од државата осомничените се договориле да го стопираат пописот во октомври 2011 година. За да избегнат одговорност, тие се договориле преку средствата за јавно информирање, да прикажат дека причини за прекин на пописот претставувале  проблеми од техничка природа и некадарноста на ДИК, што се негира и во извештајот на Евростат. На 15 октомври 2011 година преку парламентарните групи бил изгласан закон со кој претставува да важи операцијата попис – вели Фатиме Фетаи.

Обвинителката наведе дека потрошените пари за неспроведениот попис биле „фрлени во вода“.

– Потрошените пари за спроведување на попис, до одложувањето, искористени за обука, опрема и материјали, немаше да претставуваат штета, но осомничените сфатиле дека со законите би им се нанела штета на ВМРО и на ДУИ, со што водејќи се од лични интереси, одлучиле дотогаш потрошените „да ги фрлат во вода“ со што го оштетиле буџетот – истакна Фетаи.

Втората истрага на СЈО се води под името „Моќник“, под основано сомнение дека моќен пратеник го искористил влијанието за да распродава државен и општински имот на негови блиски луѓе преку советници на една општина. Тој потоа се одмаздил на луѓе кои му се мешале во интересите, со што постои сомнение за измама и за злоупотреба на службена должност. Отворена е истрага против 13 лица. Во текот на 2011 година, таткото на пратеникот и градоначалникот на Македонски Брод довеле во заблуда советници и ги навеле да изгласаат оттуѓување на задружен дом во село Ижиште, нанесувајќи штета од околу 50 илјади евра.

Третата истрага „Актор“ се однесува на изборот на понудувач за изградба на автопатот Демир Капија – Смоквица и перењето на пари кои фирмата ги добила преку тендерот.

– Во 2012 кога се оценувале понудите, првоосомничениот како претседател на Владата, искористувајќи го своето влијание врз министерот за транспорт и за врски, издејствувал да не биде избран понудувач од Италија, туку во изборот да го фаворизираат правното лице „Актор“ од Грција, на кое му овозможиле да прибави корист од над седум милиони евра – вели Фетаи.

Трите нови истраги се против 25 физички и четири правни лица за кривични дела злоуптореба на службена должност, измама и перење пари.nova makedonija.mk

Translate »