Научниците забележале невообичаена врска помеѓу долговечноста и нивото на железо во крвта
Ново истражување за долговечноста кај луѓето спроведено на еден милион луѓе покажува дека долгиот живот можеби е поврзан со нивото на железо во крвта. Новото истражување било објавено во списанието „Нејчр комјуникешјнс“.
Постојат многу истражувања за долговечност што даваат различни заклучоци, но последното е најголемо бидејќи во него биле искористени информации од над еден милион луѓе. Биле земени предвид годините на живот без болест, животниот век и преживувањето до екстремна старост, односно долговечност. Според анализата, превисоките нивоа на железо во крвта ги зголемуваат шансите за рана смрт.
Фото: Freepik
– Многу сме возбудени од овие наоди бидејќи тие посочуваат дека високото ниво на железо во крвта ги намалува здравите години од животот, а одржувањето на тоа ниво во баланс може да спречи оштетувања поврзани со староста – вели Пол Тимерс, аналитичар на податоци од Универзитетот во Единбург, Велика Британија.
Според Тимерс, ова може да објасни зошто исхраната богата со црвено месо се поврзува со здравствени состојби поврзани со староста, како срцеви болести.
Фото: Freepik
Истражувачите додаваат дека генетиката влијае врз животниот век и врз здравите години приближно 10%.
Истражувањето на поврзаноста на долговечноста со нивото на железо во крвта сè уште е во рана фаза, но можеби некогаш ќе имаме лекови со кои ќе се намалува нивото на железо во крвта и кои ќе ни овозможат да живееме подолго.
Исхраната најмногу влијае врз нивото на железо во крвта, а ова ниво веќе се поврзува со болести на црниот дроб, Паркинсонова болест и други болести. Железото во крвта влијае и врз способноста на организмот да се бори против инфекции како што старееме.
Автор: Бред Берган
Извор: interestingengineering.com