Од денеска до 4 август во Грција ќе може да се влезе само преку граничниот премин „Евзони“
Грчките гранични премини „Ники“ и „Дојрани“ ќе бидат затворени за патнички и за товарен сообраќај во периодот од 22 јули (среда), од 00.00 часот, до 04 август 2020 (вторник), соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР). Сите патнички и товарни моторни возила што планираат да остварат влез и излез од, и во Грција во наведениот период, тоа ќе може да го остварат единствено на грчкиот граничен премин „Евзони“, информира МВР.
Оваа одлука до граничните служби на граничниот премин „Меџитлија“ и на граничниот премин „Стар Дојран“ , е доставена од страна на грчките гранични служби од премините ,,Ники“ и „Дојрани“, а е во врска со новите протоколи на грчката влада за рестриктивни мерки за борба против ковид-19.
Поради зголемениот број поминувања кон соседните земји, како и растечкиот број позитивни случаи на ковид-19 од граничните премини, грчката влада, со одлука на премиерот Кирјакос Мицоакис, а по препорака на надлежните, одлучи да ги заостри мерките на копнените граници и да остави отворени по два премина кон Албанија и кон Бугарија и по еден кон Северна Македонија и Турција.
Од среда, 22 јули, на полноќ, до 4 август, влезот на грчка територија е дозволен само од граничните премини Какавиас, Кристалопигис, Евзони, Промахонас, Нимфеас и Кипи, при што грчките граѓани и оние кои имаат дозвола за престој, исто како и туристите од одредени земји, имаат обврска да пополнат специјален образец.
Како што објави минатата недела грчката влада, копнените граници за македонските, турските и албанските државјани, остануваат затворени до 31 јули 2020 година, а продолжена е забраната за авионско, железничко и копнено поврзување со Северна Македонија, Албанија и Турција.
Според вчерашната изјава на заменик-министерот за цивилна заштита на Грција, Никос Хардаљас, во периодот 1 до 19 јули, од отворањето на границите, во земјата влегле 918.032 лица, биле направени 127.900 тестови и откриени 295 позитивни случаи, од кои 186 се од влез на граѓани по копнените граници. Првите пет земји со најмногу случаи биле Србија – 78 случаи, Бугарија – 63, Романија – 61, Албанија – 23 и САД со шест позитивни сличаи на ковид-19.