Дури и Бугарите ѝ се смеат на Захариева: Нејзиното интервју го надмина и простотилакот на Борисов
Шефицата на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева за германски „Велт“ изјави дека „одбележувањето на смртта на Тито во Скопје е исто како во Берлин да се одбележува смртта на Адолф Хитлер“.
Оваа контроверзна и помалку смешна изјава привлече големо внимание во регионот, но и во самата Бугарија, каде што наиде на критики. Така, frognews.bg и авторот Борис Петков тврдат дека изјавата на Захариева е кандидат за „најглупава изјава на годината“.
„Многумина сметаа дека интервјуто на Борисов за германски „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ е ненадминливо кога е во прашање чистиот, автентичен простотилак, но Захариева сериозно може да го надмине тоа. Точно е дека британскиот политичар Винстон Черчил кажа многу цитати, но некои треба да се повторат. „Дипломат е личност која ќе размисли два пати пред да каже нешто“, или „Поразот е една работа, а срамот сосема друга“. Захариева го исполнува значењето на двата изрази“, пишува Петков.
„Не знам што слушала или читала Захариева, но јасно е дека таму немало ништо за Тито и Југославија. Инаку, ќе знаеше дека Тито беше организатор на југословенскиот партизански отпор од 1941-ва до крајот на Втората светска војна во 1945-та година. Под команда на Тито, отпорот се бори против силите на Хитлер и локалните прохитлерски четнички одреди. Тито беше првиот шеф на држава кој отворено му се спротистави на Сталин по победата над Нацизмот. Беа направени неколку обиди за атентат врз него, Тито беше еден од основачите на Движењето на неврзаните кое имаше важна улога во Студената војна“, стои во текстот.
„Секако, неговото управување со земјата може да биде критикувано за многу нешта, но да биде споредуван со Хитлер е смешно. Зарем Захариева, која не успеа да направи ништо значајно во спорот со Македонија, сега сака да во вовлече и Белград во скандалот? Па, да им кажете на германските медиуми дека градоначалникот на Берлин би организирал прослава на Фирерот е тотален идиотизам“.
За крај, бугарскиот новинар ѝ одржа лекција по историја на Захариева и ги кажа зборовите кои, за жал, денеска не се осмелува да ги каже ниту некој претставник на македонската Влада.
„За судбината на балканските народи и држави, честопати, ако не и секогаш одлучувале големите сили. Затоа Хитлер на својот сојузник – Кралството Бугарија, ѝ ја даде Вардарска Македонија и деловите на српско Поморавје. На овие територии бугарските сили беа окупатори, во секоја смисла на зборот“.