Бројот на новозаразени не опаѓа: Собирањата се биолошки бомби, ќе експлодираат ако не внимаваме
Бројката на новозаразени лица со ковид-19 секојдневно е над 100 на дневно ниво. И денешните бројки го говорат тоа, одосно во државата има 136 нови случаи во последните 24 часа.
Дали здравствениот систем, односно државата прави доволно кога станува збор за справување со ковид-19? Што друго треба да се направи за да запре растот на бројот на новозаразени? Кои други опции ги имаме?
За овие прашања, Мета побара мислење од микробиологот проф. д-р Никола Пановски, како и од епидемиологот д-р Александар Стојанов од Комисијата за заразни болести.
– Нема што друго а се прави освен да се апелира луѓето да не се собираат, а најдобро е да се казнуваат ако се случуваат собири. Собирањата се најголемиот проблем. Тие се биолошки бомби. Не сме имале досега некоја поголема експлозија, но ако продолжат, може да се случи. Еве во Ресен немаше ни еден заразен, во Охрид исто така немаше речиси воопшто, а сега погледнете ја таму ситуацијата. Да ги зачуваме барем оние градови кои се „чисти“. Со избориве очигледно ништо не правиме, бидејќи потоа уште ќе се пазарат партиите, па нема да се преземаат поригорозни мерки. Мислам дека од понеделник, колку што ќе има нови, толку ќе има и оздравени отприлика на дневно ниво. Од економски аспект мораат да ги пуштат да работат кафаните и другите економски оператори, инаку не би издржале – вели Пановски.
Во врска со одлуката за отворање на копнените граници и на аеродромите, Пановски смета дека повеќе ние можеме да го рашириме вирусот надвор, одошто можат нам да ни го донесат од надвор.
– Кај нас е жариштето. Мислам дека ако се почитуваат мерките, никаде нема да се заразите, но поголеми се шансите ние да го изнесеме вирусот надвор од границите.
Стратегијата наша сега е сосема отидена во друг правец, таа е во насока на почитување мерки – додава професорот.
Епидемиологот д-р Александар Стојанов, пак, вели дека бројката ќе биде висока сè додека не се почитуваат мерките.
– Не може да не ги почитуваме мерките, а да очекуваме бројот на новозаразени да опаѓа. Тоа е исто како на пример, болен човек кој не го пие лекот, да очекува да му пројде. Овде лекот е да се најде болниот и да се изолира. Сето ова се прекинува со вакцина, а бидејќи нема вкцина, нема друго чаре. Ако луѓе заразени шетаат со позитивни наоди, вирусот нема да застане. Еве гледате во Србија што се случува, дури сега воведуваат носење маска во јавен превоз, а ние таа мерка уште одамна ја имавме. Тие избришаа 4.000 пациенти од евиденција заради изборите. Ние сме транспарентни и секој ден кажуваме од каде се починатите и од која клиника. Ние овде бараме два негативни тестови, во Србија се прави еден – вели Стојанов.
Волшебно стапче нема, додава тој, потенцирајќи дека Комисијата за заразни болести не предложила отворање на моловите, работење на кафулињата во затворените делови, а не дале предлог ниту да се отворат од конкретен датум, како што соопшти Владата.
– Проблем со овој вирус е што секој може да се зарази. Јас познавам луѓе, мајка и татко цело време здрави, а синот спортист е позитивен и ќерката исто така е позитивна. Немаме капацитет да ги „фатиме“ сите заразени. Во однос на одлуките за аеродромите и границите, ние рековме дека ги имаме протоколите за аеродроми, кои воедно се европски, тие си постојат. Но, никогаш како Коисија не кажавме – во петок ќе ги отвориме, туку дека тоа ќе се направи согласно епидемиолошката ситуација. Исто така, никогаш не сме кажале дека кафулињата треба да се отворат и внатре, ниту за моловите сме предложиле да работат нормално. Па, ние болниците не дозволиме сосема да се отворат, а не па кафеаните – вели д-р Стојанов.