Град Скопје ќе гради нов булевар со мост меѓу Скопски саем и хотел Русија

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов на денешната прес-конференција најави изградба на нов булевар со мост преку реката Вардар. Новата сообраќајница ќе го поврзе булеварот АСНОМ кај хотел Русија, преку Вардар, низ населбата Ќерамидница, сѐ до крстосницата кај скопскиот саем. „Од Ново Лисиче до Саем или од Автокоманда до ТЦ Бисер со автомобил ќе се стигнува за само 5 минути. Времето на движење за велосипедистите и пешаците, исто така, ќе биде драстично намалено“ изјави Шилегов.

 

 

Новиот проект освен со нов мост преку Вардар во должина од 120 метри предвидува и пробивање на нов и реконструкција на стар булевар во вкупна должина од 2.170 метри, 5 вкрстувања, 6 коловозни ленти, велосипедски патеки во двете насоки, пешачки патеки и дрвореди. По изградбата на новата сообраќајница, градските власти планираат да воведат и нови автобуски линии на јавниот градски превоз. Од Градот очекуваат дека за реализација на овој инфраструктурен проект ќе бидат потребни 24 месеци од почетокот на градежните работи и финансии во висина од 7,5 до 8 милиони евра.

 

Проектот којшто денеска беше презентиран е предвиден во ГУП-от за Скопје од 1965 година, а досега за него Градот Скопје немаше изготвено ниту основна планска документација. Со неговата реализација ќе се создаде ново сообраќајно поврзување меѓу општината со најмногу жители – Аеродром и општината со најголема економска активност – Гази Баба. Од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ денеска излегоа со реакција, во која наведуваат дека овој проект бил копиран од нивната партија и од претходниот скопски градоначалник Коце Трајановски.

 

Translate »