Децата регрути на ,,Исламска држава,, претставуваат голем проблем
Иако „Калифатот“ на ИСИС во Сирија и Ирак е сведен на само 2% од некогашната територија на џихадистите и тие се пред целосен пораз, сепак после сето тоа на површина ќе исплива нов проблем – децата на борците кои се враќаат во Европа.
Терористичката организација Исламска држава во Сирија и Ирак во најголемиот дел е уништена, а според податоците на американската армија, џихадистите во овие две земји на Блискиот исток загубиле дури 98 проценти од територијата.
Од Пентагон порачаа дека ИСИС се „скршени и уништени“, но сепак признаа дека работата не е завршена до крај, затоа што сега е најважно да се обезбеди теренот „Исламската држава никогаш повеќе да не се воздигне“.
Според „Дојче Веле“, таа цел е тешко да се постигне од една причина – ИСИС во Ирак и Сирија во најголема мера може физички да биде уништена, но идеологијата продолжува да живее. Поради тоа, како што е наведено, џихадистичката организација ќе се наврати на старата герилска војна.
Кога се Сирија и Ирак во прашање, овие земји се соочуваат со многу поголем проблем, а тоа е идеолошкото и психолошкото наследство на Исламската држава на териториите кои што беа под контрола на џихадистите. ИСИС на тие територии владееше три години, а тоа е долг период, посебно за децата кои што на најмала возраст сведочеа на насилствата и бруталните погубувања на џихадистите.
„И без да биле на некаква обука, тие со себе ќе ги носат сеќавањата на животот во воената зона“, вели Дан Вегеманс од Институтот за безбедност и глобални работи на Универзитетот Лајден за онлајн-магазинот Ал Монитор.
„Младите наместо да читаат и пишуваат, учеа како да се ракува со вооружување. Големи се шансите таму да се раѓа една загубена генерација. Притоа и возрасните ќе имаат потешкотии зад себе да го остават времето кога владееле ИСИС. На нив тешко ќе им падне соочувањето со реалноста“, изјави Надим Хури, експерт за тероризам од Опсерваторијата за човекови права со седиште во Њујорк.
Проблемот со „Загубените генерации“ кој што го произведе Исламската држава наскоро би требало да стигне и до Европа. Станува збор за стотина деца чии што родители ги одвеле во Сирија или Ирак и се уште се таму. Од „Дојче Веле“ велат дека се уште не е јасно на кој начин европските држави ќе се справат со овие деца, а ситуацијата сигурно ќе се разликува од земја до земја.
На пример, Белгија на децата помали од 10 години им дозволува да влезат во земјата, но под услов да им се земе ДНК примерок за да се докаже дека се деца на џихадисти. Во декември три деца на борците на ИСИС со француски пасоши кои што дотогаш се наоѓале во притвор во Ирак, со авион се вратиле во Париз. Во Холандија таквите деца може да се вратат, но тамошната влада нема намера да им овозможи добивање на холандско државјанство.
И Германија има намера да им овозможи враќање на борците на ИСИС, но припадниците на Службата за заштита на уставниот поредок предупредува на потенцијалната опасност, посебно кога станува збор за постарите деца.
„Гледаме голема опасност во тоа што децата на џихадистите од воените зони во Германија се враќаат веќе исламистички социјализирани и во рамките на таквата идеологија прецизно насочени“, изјави претседателот на Службата, Ханс Георг Масен.
„На тој начин тие во Германија можат да се искористат за создавање на нови генерации на џихадисти“, додаде Масен.
Тој проблем, како што вели Торстен Фос, шеф на покраинската канцеларија на Службата за заштита на уставниот поредок во Хамбург, мора да биде решен пред целата работа да замине толку далеку така што неговата служба ќе мора да интервенира, пренесува „Дојче Веле“.