Претстечајна постапка за ТВ НОВА
Со решение на скопскиот Основен суд 2 се отвора претстечајна постапка за ,,Телевизијата Нова,, на бизнисменот Сеад Кочан.
Пред стечајот, како што објави БИРН, се отвора на барање на кабелскиот оператор „Телекабел“ како еден од доверителите, поради тоа што не бил платен преносот на сигналот. Телевизијата веќе долго време се соочува со финансиски проблеми, а вработените немаа плати од октомври минатата година.
Проблемите на телевизијата почнаа откако Специјалното јавно обвинителство поднесе обвинение против Кочан за предметот „Труст“ кој заедно со уште две физички и три правни лица се сомничат дека со фалсификувани документи местеле тендери на ЕЛЕМ во вредност од 17 милиони евра. Денеска во Кривичниот суд продолжува судењето за Труст со доставување нови докази. За привремен стечаен управник во телевизијата е поставена Владица Ивановска, која е задолжена да го заштити имотот на телевизијата. Одредена е и забрана за располагање со имотот, а се забрануваат и исплати од сметките на должникот, односно на телевизијата.