Иванов-Китаровиќ: Отворените прашања со други земји не смеат да бидат пречка за ЕУ и НАТО
Македонија и Хрватска имаат исклучително добри пријателски односи без никакви отворени прашања. Хрватска е голем поддржувач на Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ и НАТО и ќе направи се за што побрзо да го заврши. Отворените прашања со други земји не смеат да се пречка на тој пат. Тие може и мора да се решаваат паралелно со одржување на преговори за членство во ЕУ. Ова е заедничката оценка на претседателите на Македонија и Хрватска Ѓорге Иванов и Колинда Грабар Китаровиќ дадена по нивната средба во Скопје.
– Ја поздравуваме порепораката на ЕК за отворање на претпристапни преговори за членство на РМ во ЕУ, и Хрватска ќе направи се што е во нејзина моќ до јуни да се донесе одлука за датум за почеток на преговорите, рече Грабар Китаровиќ на прес-конференцијата по средбата.
Потенцира дека Хрватска ќе продолжи да ја поддржува Македонија во Советот на ЕУ да се донесе одлука за отпочнување на преговорите, како што рече, како во домените на отворената дипломатија, така и зад затворени врати, преку создавање коалиција на држави кои сметаат дека Македонија треба ги почне преговорите, преку планирање заеднички активности, аргументација и разговор со оние држави кои со тоа не се согласуваат.
Смета дека отворените билатерални прашања не само што можат туку мора да се решаваат паралелно со евроинтеграцијата.
– Мислам дека треба да се покаже зрелост и подготвеност на дијалог со меѓусебно почитување и почитување на меѓународното право и решението за проблемот двете земји да го најдат сами без наметнување решение од страна, рече Грабар-Китаровиќ.
Смета дека процесот на проширување треба да продолжи и оти со застојот се создава опасен вакуум кој ќе го исполнат трети страни на кои не им е од интерес напредокот на државите на патот за членство во ЕУ и НАТО, нешто за што, рече, е свесна и самата Унија.
Според Иванов, за поздравување е конструктивниот став на Република Хрватска дека билатералните спорови не треба да бидат пречка кон евроатлантскиот пат.
– Во нашиот регион постои позитивно искуство на паралелно движење на преговарањето и наоѓање заедничко решение за отворено прашање. Тоа е примерот меѓу Република Хрватска и Република Словенија, кој може да се примени во случајот со Република Македонија, истакна македонскиот претседател.
Тој рече дека на средбата со претседателката Грабар-Китаровиќ размениле мислења за можностите за соработка и во други сфери од заеднички интерес.
Се согласиле дека има неискористен потенцијал за продлабочување на економската соработка меѓу двете држави и оти треба да се работи на нивно унапредување.
– Заедничка цел е Република Хрватска во следните години да биде меѓу петте најголеми трговски партнери на Република Македонија преку заемен и конкретен придонес, рече Иванов.
Потенцира и дека значаен аспект во пријателските односи меѓу двете земји се македонската заедница во Република Хрватска и хрватската заедница во Република Македонија.