Видео: ВМРО-ДПМНЕ со чочек ја започна собраниската седница

Собраниската седница по појавување на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ по бојкотот на работата на на седница за пратенички прашања почна со музика за чочек, пуштена од нивните телефони. Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев рече: „Доста славите, доста 10 дена славите со чочеци во тунел и со коктели. Ќе одговарале министрите денес пред опозицијата, сè само правите да ги оттргнете граѓаните од реалните проблеми. Каде се високите плати на лекарите, ги зголемивте акцизите. И Могерини ви кажа дека треба само пола ден да славите и време е да почнете да работите“.

Додека траеше музиката, претседателот на Собранието Талат Џафери ги опомена пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ги исклучат мобилните.

„Забавата вие ја почнавте тука со пуштање музика од телефон, Собранието не е место каде што се прават такви работи“, му одговори Џафери на Данев.

Потоа, процедурално побара Илија Димовски, бившиот координатор на ВМРО-ДПМНЕ, но Џафери не му дозволи да земе збор, бидејќи веќе не е координатор и според Деловникот нема право на процедурално. По мала расправија, Џафери му дозволи на Димовски да зборува.

„Собранието го направивте нотар на Владата и барам да ги објавите сите поставени, но неодговорени пратенички прашања. Изгледа се плашите да ги поставите овие прашања“, му рече Димовски на Џафери.

На тоа, Џафери одговори: „Јас не познавам поим страв. Вие добро ме познавате, посебно ВМРО-ДПМНЕ, јас не познавам страв во моите надлежности, нема што да се плашам. И кажи ми според кој член од Деловникот имам право да побарам да се стават неодговорените прашања на веб“.

Димовски потоа ѝ замери на Владата што половина од министрите не се во салата да ги слушнат пратениците. СДК

Translate »