Српскиот министер за образование: Стиховите на Цеца да бидат исфрлени од учебникот
Задачата со стихови на фолк пејачката Светлана Цеца Ражнатовиќ, која се најде во учебниците за петто одделение, ќе биде исфрлена, вети српскиот министер за образование, Младен Шарчевиќ.
Според министерот срамота е стихови од шунд и турбо фолк да бидат во школски учебници, пренесува српски „Телеграф“.
-На ова во училиштата не им е место. Задачата ќе биде исфрлена, а оној кој го направил пропустот во иднина ќе биде казнет. За музиката која учениците ја слушаат надвор од училиштата нека се грижат нивните родители, но на часовите ќе се учат важни лекции. Живееме во општество во кое се потенцира овој вид на музика, која јас искрено не ја сакам и не ја поддржувам – изјави тој.
Директорот на Заводот за унапредување на образованието и воспитувањето, како што вели министерот, му рекол дека членовите на комисијата која го контролирала учебникот, не ги препознале овие реченици.