Почина Британецот кој прв се заразил и закрепнал
Првиот Британец заразен со коронавирус починал една година откако закрепнал, а неговото тело го пронашле колегите во кампус во Велс.
Конор Елис Рид, 26-годишен студент по кинески јазик, се смета за првиот Британец кој се заразил со коронавирус во ноември 2019-та година, додека живеел и работел во училиште во кинески Вухан, пишуваат британските медиуми.
Иако закрепнал од Ковид-19, во ноември 2020-та година пријателите го пронашле неговото безживотно тело во соба во универзитетскиот кампус Бангор во Велс.
Обдукцијата покажала дека причината за смртта е респираторен застој поради бронхопневмонијата настаната како последица од токсични дроги.
Додека бил заразен во Вухан, епицентарот на коронавирус, Рид водел дневник во кој ги споделил своите искуства од едномесечната борба со вирусот.
Тој напишал дека состојбата во првите десет дена била премногу тешка, за дополнително да се влоши на 12-тиот ден.
“Мислев дека го минав проблематичниот период, но дури тогаш почна кошмарот. Тешко дишев, постојано одев во тоалет. Се потев и се тресев. Не можев да воздивнам, се гушев. Кога дишев звучев како некој да гужва кеса. Мислев дека тоа е тоа, дека нема враќање”, напишал Рид.
По 24 дена болеста попуштила, па Рид се вратил на работа.
Набрзо отпатувал во Австрија да го посети семејството, а после тоа се вратил во Велс да ги продолжи студиите.