Елеганција, мистичност и убавина во делата на Зоран Кардула
Изминативе години фокусот на вашиот уметнички порив го изразувате преку дигиталната графика, а во делата доминира женскиот портрет? Од каде се наметна оваа техника, бидејќи луѓето што ве познаваат се сеќаваат на интересните масла на платно?
Елеганцијата, мистичноста и убавината на жените отсекогаш биле инспириција за мене. Жената од минатиот век беше и тема на мојата прва изложба која всушност беше и почеток и пронаоѓање во мојот стил кој сè уште го негувам. Таа мистичност ја продолжив и преку портретите. Моите жени се елегантни, грациозни, мистериозни и самоуверени. Тоа се жени со став. Тие го прават тоа што го посакуваат. За да ги заведете нив, треба да ги почитувате пред сè.
Техниката која ја користам веќе е многу популарна во светот. Со неа се спојува уметноста и дизајнот. Поради специфичната здравствена состојба на мојата помала ќерка која во еден период беше на режим на детоксификација, прекинав да ги користам маслените бои и терпентинот од страв дека можеби и пречат, прекинав да сликам. И така оваа техниика некако сама по себе ми се наметна. Почнав да се враќам на тушот како техника, а колоритот да го средувам дигитално.
Чии портрети сликате?
Тое се портрети на девојки, жени, но може да биде и еден портрет кој се појавува во различен временски период со различна приказна зад себе. Во портретите секоја жена може да се препознае себе си или да препознае друга жена. Главен двигател се очите и говорот на телото. Фасциниран бев од старите неми филмови каде се комуницираше преку очите и говорот на тело. Ликот е впечатлив и моќен. Тој секогаш знае што сака.
Како би ги опишале своите дела. Дали некој уметник имал влијание врз Вас?
Делата на Де Лемпицка, Климт, Модиљани, Шиле одиграа голема улога во градењето на мојот стил. Нивните дела ме фасцинираа и долго време ги проучував. Дали сум успеал да ја доловам моќта, сексипилот, елеганцијата и мистиката преку говорот на телото и очите, ќе оценат другите. Јас искрено се надевам дека сум успеал во тоа. Секако тоа ми годи кога ќе ми споредат некои мои дела со делата на овие врвни уметници кои исто така ја сликаа жената. Настојувам барем во моите дела да внесам и малку модерен изглед но сепак да ја имаат таа сексипилност, елеганција, мистичност од периодот на почетокот на минатиот век.
Што симболизираaт очите на жените во вашите дела? Што зборува погледот?
Предизвик ми беше преку користење на еден лик кој е претсавен во различни периоди, различни животни ситуации, со едноставни и остри црти, да претставува комплесен лик на жена кој знае што сака и што очекува. Со неа не е лесно. Треба посебна вештина, љубов и почит за да се освои. Умот е мистерија. Менталната состојба исто така. Не би сакал да кажам “да таа дама е вљубена” или “да таа дама е осамена”. Она што мене можеби ми се чини тага, некому друг може да му се чини желба. Она што можеби некому му се чини среќа, мене може да ми значи осменост. Сакам оној што ќе го гледа делото сам да си направи приказна во својата глава. Очите се единственото нешто што не старее. Очите се огледало на душата. Погледот зборува “Јас можам”. Можам вчера, можам денес и секако ќе можам утре.
„Жените и по некој маж“ беше наслов на вашата последна изложба. Дали уште работите под овој работен наслов или сепак има нешто ново?
Секако уште ги сликам жените, дискретно се појавува и некој маж но сепак жената е центарот на моето творештво. Како нешто завршувам го споделувам преку мојата ФБ страна facebook.com/cardula и реакциите се одлични што ми е мотив плус.
фото-Драги Неделчевски
Колку средината на живеење влијае на еден уметник? Колку Зоран Кардула успева да се оттргне од секојдневието и слободно да заплови во уметничкиот транс?
Средината секако влијае на моето творештво а тоа се гледа преку моите политички плакати со кои се борам против неправдата и дискриминацијата. Еве и да се пофалам дека моите плакати ќе се најдат како дел од изложбата http://msubillings.edu/gallery/exhibit-09-06-17/index.htm