Македонка прошета низ светот со мотор
Ману и Ивана на Yamaha мотор го поминаа целиот свет во рок од четири години. Она што на почетокот го понесоа со себе беа тони авантуристички дух и ентузијазам. По четиригодишните патешествија, пролетта во Скопје, кога го означија и крајот на овој единствен подвиг, Ману и Ивана се вратија полни со впечатоци и доживувања. Тие се неисцрпен извор на авантуристичка енергија и уживање на слободата
Што за вас претставува слобода? Како би ја дефинирале, дали воопшто може да се дефинира?
Слободата е музика на која сакам да танцувам секој ден, главна состојка што ја користам кога го подготвувам коктелот наречен живот, кој го пијам секое утро кога се будам, само додавам малку оптимизам, мотивација, независност и самосвесност и тоа е тоа, подготвен сум да го откријам светот и да уживам во животот.
Можам да жртвувам многу работи поврзани со удобноста или безбедноста, но слободата не би ја жртвувал во никој случај.
Мора да ја браните вашата слобода најмногу што можете и да се борите за неа доколку ја загубите. За слободниот човек и слободниот ум не постојат граници.
Која земја ви остави најголем впечаток…во поглед на природните убавини, возбудливоста на патот за возење, гостопримливоста на жителите?
Природни убавини: ги сакаме пустините, па од нив би ги издвоиле пустината Намиб во Намибија или Атакама во Чиле.
Она што беше возбудливо за нас: Ако под „возбудливо“ мислите „страшно“, можеме да кажеме времето кога патувавме низ Синалоа во Мексико, каде се одвива војна на најголемиот картел за контрола на трговијата со наркотици или во Египет каде има терористи насекаде низ пустината и неколку дена моравме да бидеме придружувани од војската. Но, ако под возбудливо мислите на работи коишто предизвикаа силни чувства во нас тоа е Судан каде се сретнавме со многу бегалци од Сирија коишто се обидуваа да избегаат од војната и да најдат ново место во светот каде може да продолжат безбедно да живеат.
Најгостопримливи луѓе: Во Централна Азија, во планините Памир во Таџикистан, каде живеат некои од најгостопримливите луѓе што некогаш сме ги сретнале. Тие се наоѓаа на места и во време кога ни беа најмногу потребни во текот на најекстремното искуство на ова наше патување кога требаше да го поминеме планинскиот венец Памир во зима, на температури коишто достигнуваа 20ºC под нулата. Овие луѓе секогаш ни ги отвораа вратите од нивните домови со насмевка, ни помагаа да се стоплиме, ни даваа храна и место за спиење и пријатен разговор. Најинтересно е тоа што тие луѓе се потомци на Александар Велики, кој поминувал низ тие области за време на неговите експедиции кон Индија, области каде оставил свои гени, култура и традиција коиштоуспеале да преживеат до ден денес, повеќе од 2000 години. Луѓето од Памир се идентификуваат себеси како Македонци. Тоа беше неверојатно поврзување со пријателски настроени луѓе.
Како, впрочем, ги одбирате дестинациите, како прибирате информации за местатакои треба да ги посетите?
Кога прашуваме луѓе за да преноќиме кај нив, разговараме со нив и таквиот разговор е нашиот главен извор на информации за земјите коишто сме ги посетиле. Тие ни препорачуваат кои места да ги посетиме, на што да внимаваме, какви се општествените правила во тие места, која храна да ја пробаме…
Како ги планирате вашите патувања, како ги одредувате вашите маршрути?
Навистина ние не истражуваме многу, патуваме од земја во земја. На ова патување со моторот имавме голема цел, да ги поминеме сите континенти од почеток до крај, па така ако на пример се наоѓаме на најјужното место во Јужна Америка, во Ушуаја, знаеме дека сакаме да стигнеме до најсеверното место во Северна Америка, до брегот на Северното море, а целиот пат меѓу овие две места е секогаш мистерија. Не сакаме да планираме, затоа што не сакаме да имаме очекувања, сакаме да доживееме изненадувања, да се соочиме со пречките коишто се појавуваат по пат и да изнајдеме начин како да ги надминеме, да пристигнеме на места за кои не сме ни знаеле дека постојат.
Што сѐ вклучуваат вашите подготовки за пат? На кое место од приоритетната листа ви се, на пример, мобилните телефони, полначите, роамингот, интернетот…?
Ние практично живееме на пат, па затоа нашите торби се секогаш подготвени. Во било кое време може да ги смениме плановите или да тргнеме на пат и затоа не мора да трошиме време на подготвки за пат. Она што го научивме после сите овие години е да живееме со многу малку работи, само со оние коишто ги собира во неколку торби. Затоа, сето она што го поседуваме е она што навистина ни е неопходно. Она за кое луѓето прво размислуваат кога треба да се пакуваат е облека и работи за во тоалет, но во нашиот случај тие се работите за кои најмалку се грижиме. За нас, опремата за кампување, предмети од кујна, резервни делови и алати се првите работи за кои размислуваме. И се разбира, нашата техничка опрема за да ги документираме патувањата, како што се камера, телефони, компјутер… и секогаш батериите мора да се полни до крај. За нас, кога тргнуваме на пат, поважно е телефонот да има полна батерија, отколку да имаме нешто за јадење.
Тоа е така затоа што поголемиот дел од времето додека патуваме низ мали рурални гратчиња, надвор од патиштата на континенти како што е Африка, Азија или Јужна Америка, Интернетот и роамингот се нешто до кое немаме пристап.Но овој пат, во турата што ќе ја направиме со Македонски Телеком низ Јадранот, во рамки на кампањата за роаминг, сѐ ќе биде поинаку. Цело време ќе бидеме поврзани и ова за нас претставува еден потполно нов свет.
Oстанувате ли поврзани со вашите семејства и пријатели кога заминувате во нови авантури или претпочитате да се исклучите од сѐ?
Мајка ми е од Македонија и се разбира дека мора постојано да бидам во контакт со неа. Затоа, секогаш кога имам безжична конекција прво ѝпишувам порака, нешто како „добро сум, денес е супер, уште сум жива и среќна!“ (без разлика низ што поминувам). Нормално, ѝ пишувам секој ден, барем една реченица, освен кога поминуваме низ одредени места како на пример низ пустина. Тогаш не можам да стапам во контакт со неа неколку денови и можам да го почувствувам нејзиниот стрес и загриженост дури до другата страна на планетата. Да бидеш поврзан е многу важно, мојата прва внука се роди токму кога започнавме со „Around Gaia“ во 2013 година и 4 години ја гледам како расте и формирам силна врска со неа преку екранот на мојот телефон, гледам свадби на многу мои пријатели преку видео и ја чувствувам поддршката на многумина коишто нѐ следат, а кои никогаш порано не сум ги видела, кои многу ми помагаа со нивните пораки да продолжам и да не се откажувам во тешките моменти од ова патување. Можеби Ману повеќе го сака романтизмот на системите коишто обезбедуваат слаба комуникација од пред 100 години, но во мојот случај навистина уживам во малиот прозорец кон Македонија кој секогаш го носам во мојот телефон.
Како и да е, многу е полесно кога имаш вклучено роаминг. Сите луѓе коишто сакаш да ги слушнеш се поблиску, сите материјали полесно се споделуваат, „симнуваат“ и „качуваат“ и каде и да си чувството на сигурност е идентично силно, зашто, едноставно, си ем слободен ем поврзан.
Кога последен пат сте се возеле со авион? Дали некогаш во животот би се одлучиле за еден класичен одмор со авионски превоз и хотелско сместување кое ја нуди удобноста на домот?
Последен пат кога патував со авион беше неодамна, кога требаше да ја напуштам Африка и патував од Каиро до Атина, затоа што војната во Сирија не ни дозволуваше да патуваме во Европа по копнен пат.
Сега не можам да прифатам поинаков начин на патување од оној на кој се соочувам со разни изненадувања. Никакви резервации или планови за одмор не може да се споредат со начинот на кој ние го разбираме патувањето. Мојот грб е веќе навикнат на спиење на секаква површина и затоа не ми недостига многу удобноста што ја нуди еден пријатен хотел. Една од карактеристиките на „Around Gaia, е тоа што никогаш не плативме за да поминеме ноќ во хотел, затоа што сакаме да бидеме што поблиску до луѓето и да ја искусиме нивната сопствена култура и попрво би прашале да спиеме во нечија куќа и тоа многу повеќе ни се допаѓа. Да пристигнеме на некое место, да го разгледаме и да побараме каде да преноќиме. Тој момент кога прашувате некого што никогаш не сте го сретнале порано дали може да преноќите во неговата куќа Ви станува навика и е на некој начин мистериозно и после толку долго време е многу нормално за нас.
А што ако се случи да добиете гратис авио-билети? Го прифаќате предизвикот да го одморите моторот малку?
Се разбира, моторот не е нешто што би останало засекогаш во нашите животи. Како патници, ние сакаме промени и сега се наоѓаме во еден важен момент, крај на еден голем проект и развивање на нов каде ќе се впуштиме во нови предизвици. Големите промени наскоро ќе настанат во нашите животи и најверојатно оваа зима ќе се качиме на авион и ќе отпатуваме некаде во Југоисточна Азија каде конечно ќе можеме малку да се одмориме, добро да сфатиме што сѐ се случило досега и да се подготвиме за следниот проект. Ние го сакаме моторот, но уште повеќе ќе го сакаме ако ни недостига некое време.
Во тој случај, која дестинација би ја одбрале вие?
Југоисточна Азија. Најверојатно Камбоџа, иако кога зборуваме за патување без мотор, тогаш би сакале да посетиме и некои од поларните земји, да поминеме време во кабина во Исланд, да гледаме бели пејзажи, поларни светла и да дознаеме повеќе за животот на луѓето во таква средина. Некаков животен стил кој е потполно радикален и различен кој ќе ни помогне да се оттргнеме од сѐ што се случило дотогаш и да започнеме да размислуваме за новата фаза од нашите животи.
Завршивте едно големо патување низ неколку европски земји но веќе од следната недела тргнувате во поход на нови искуства…кажете ни нешто повеќе за ова ново патување од каде започнувате и која е маршрутата?
Луѓето можат да си замислат дека во овој момент не можеме да запреме за долго време, па така следниот вторник повторно тргнуваме на пат, но овој пат патувањето ќе биде поразлично и придружено од Македонски Телеком. Турата ќе трае 30 дена околу Јадранот, од Скопје до Венеција и назад, поминувајќи низ 6 земји со пауза на 18 различни места. Ова е летна тура, па затоа ќе посетиме некои од најдобрите летни дестинации на Балканот и ќе направиме неверојатни фотографии користејќи timelapse, 360º камери, подводно фотографирање, интервјуа со луѓето, натпревари, ќе направиме снимки преку кои луѓето ќе се чувствуваат како да патуваат со нас. Ова ќе биде споделување на патувањето на едно повисоко ниво. За прв пат се подготвуваме и истражуваме, а имаме и цел тим од Телеком кој ќе не поддржува и потпомага. Но, луѓето не се само љубопитни за дестинацијата, тие сакаат да знаат повеќе за патувањето, па така на оваа тура околу Јадранот ние ќе споделиме некои од нашите тајни
На кој начин ќе можеме да ја следиме вашата нова авантура?
Како и секогаш ние ќе ги споделуваме нашите авантури на „Around Gaia“ социјалниот медиум:
www.facebook.com/aroundgaia
www.instagram.com/aroundgaia_travel
Но, овој пат луѓето исто така ќе може да не следат на социјалните медиуми на Telekom MK (facebook, instagram, twiter, и youtube).