Видео Амди Бајрам за 1ТВ: Подобро мене да ме одбереа за лидер на ВМРО-ДПМНЕ, ова раководство не е мој ранг
Секогаш пратеник од владиното парламентарно мнозинство, коалициски партнер на Бранко Црвенковски, Љубчо Георгиевски, Никола Груевски, а сега и на Зоран Заев, пратеникот Амди Бајрам, по заканите за кафез, свеќи и гробишта, во интервју за 1ТВ вели дека не се сеќава на своите изјави.
-Јас морам отворен да бидам према цела јавност и не треба многу прашина да дигаат затоа што зад добар коњ добра прашина се дига. Јас сум политичар толку години и треба сите да сфатат, цела македонска јавност и пошироко, не треба да дигаат многу прашина околу мене затоа што јас сум политичар и знам како треба да се делува и да се работи, прав политичар, кога треба и како треба да настапам, тоа знам, а во интерес на моите Роми јас сум спремен увек во секое доба, морам да видам кој е на власт, јас да бидам со вас, вели Бајрам.
Вели дека во парламентарното мнозинство има голема тежина и дека кога Никола Груевски го напуштил ВМРО-ДПМНЕ и тој излегол во Собранието како независен пратеник на Сојузот на Ромите, партија со над 50.000 членови. Бајрам вели дека до сега им бил лојален на сите влади, но сега не сака да соработува со новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски затоа што тој не е политичар од негов ранг. До сега ги поддржал сите закони и смета дека бил клучен на СДСМ да не и биде изгласана недоверба на интерпелацијата поднесена од опозициската коалиција.
-Јас Заев не го рачунав како политичар едно време како градоначалник. Не верував дека Заев ќе покаже ваква работа, дека во Македонија, во Европа и во светот ќе го поддржат сите. Тоа што било било, јас му се извинив на првата средба. Имав четири-пет средби со него, на првата средба првин му се извинив и дали има замерки спрема мене. Ми кажа „Се е политика, не ти замерувам“, вели Бајрам.
Тој смета дека е подобро ВМРО-ДПМНЕ да го одбереле него за претседател отколку актуелното раководство, затоа што сите партии можат да учат од него како политичар со најдолг стаж.