Новиот предлог е “Република Илинденска Македонија”

,,Република Илинденска Македонија“ е  предлогот за решавање на спорот за името, за кој вчера во Софија разговарале македонскиот и грчкиот премиер Заев и Ципрас, дознава порталот Нова од дипломатски извори. Предлогот бил наводно прифатлив и за грчката страна, која инсистира новото име да важи „ерга омнес“ .

Пакетот решение за спорот освен новиот предлог за името, предвидува јазикот – да биде македонски. Во графата – државјанство, според предлогот ќе да биде запишано: граѓани на Република Илинденска Македонија, а нема да има промена на меѓународните кодови и ќе продолажат да се користат кратенките, МК/МКД.

Премиерот Заев вчера потврди дека се разговара за пакет решение за спорот. По средбата со Ципрас во Софија изјави дека  разгледале неколку опции, од кои една била прифатлива и за двете страни.

Идејата е со референцата „Илинденска“  да се потврди историскиот континуитет на државата на кој се реферира и во Преамбулата на Уставот. Досега се преговараше за географски референци – во последниот сет предлози од  Нимиц беа: Горна, Северна, Вардарска.

Заев најави дека ќе се консултира со Претседателот и со лидерот на опозицијата.

„Продолжуваме дома со консултации со институциите, и ако е возможно тоа, веројатно ќе имаме решение. Потврдивме дека стоиме како премиери на сето тоа што беше постигнато. За тоа што беше останато разгледавме неколку опции и утврдивме една опција. Но мора да внимаваме како тоа ќе биде спроведено. Ќе разговараме со претседателите на државите и другите лидери, и со опозицијата“, изјави Заев на прес- конференцијата во Софија.

Грчкиот премиер Ципрас по завршувањето на разговорите во Софија кажа дека постојат голем број предлози, некои алтернативни, но дека ништо не е конечно договорено.

„Ги разгледуваме чекор по чекор сите детали. Не сме, се уште не сме во позиција да говориме за договор. Ќе постојат и следни чекори. Заедничка цел е да имаме резултат пред Самитот на крајот од јуни и неколку дена пред самитот на европските министри за надворешни работи “, изјави Ципрас на прес-конференција во Софија, а пренесе Катимерини.Nova.mk

 

Translate »