Заев и Ципрас договориле решение прифатливо за двете страни

Зоран Заев и Алексис Ципрас, премиерите на Македонија и на Грција денеска во Софија утврдиле една опција за името прифатлива за двете страни.

– Постигната е согласност за една опција за решение за спорот за името, која доколку биде прифатена од релевантните фактори во двете држави и се најде начин да помине во институциите, ќе биде официјално соопштена – изјави Заев на прес конференцијата што се одржа по завршување на средбата со Ципрас.

Според Заев, важно било да се потврдат успесите што министрите ги постигнале.

– Разгледавме неколку опции. Една од нив е решение прифатливо за двете страни. Сега треба да видиме дали тоа е возможно практично да се реализира, да помине во институциите на државата.

Утврдивме дека една опција може да биде прифатлива за двете страни, но јас сум Зоран, мојот партнер е Алексис, и ние сме само луѓе. Мора да видиме како тоа ќе биде прифатено од релевантните институции во државите, опозицијата, претседателот – рече Заев.

Во одговор на новинарско прашање, тој рече дека се надева решение на спорот за името да се постигне сега зошто на крајот на јуни е Европскиот совет, а во јули има НАТО самит.

– Тоа е нашата желба, но, секако ако е возможно, ако не, ќе продолжиме и понатаму да бараме решение – рече Заев.

Translate »