Жени „сенки“

Состојбата со жената Ромка во земјава е алармантна. Неа и е потребна системска поддршка за економско зајакнување со што не би била „лесна мета“ на ограничувачките фактори како немањето државјанство, јазичните бариери, малолетничките бракови,неоформеното образование, дискриминацијата и соочувањето со стереотипите

Сакаат да работат и да напредуваат, но системот како да им го попречува патот. Жените Ромки и по неколку децениска борба за еднакви права во македонското општество, се уште се на маргините. Од Канцеларијата на Народниот правобранител причините за ваквата состојба ги лоцираат во немањето услови за вклученост и целосно учество на жената Ромка, од нееднаквиот пристап кон образованието, високата стапка на невработеност, малите можности за вработување како и од економскиот и социјален развој кај оваа заедница.

Имено,  повеќекратната и интерсекциска дискриминација води до целосно исклучување на Ромките, а за ваквата состојба придонесуваат системските бариери, кои треба да се надминат преку економско зајакнување на жената Ромка, но и еднаквост и поголема застапеност во институциите, сметаат од оваа институција.

„Како институција сериозна загриженост изнесуваме по однос на неколку негативни појави кои опстојуваат веќе подолг временски период , а кои од наша страна се лоцирани како сериозни проблеми со кои се соочува жената Ромка, како што се немањето државјанство, јазичните бариери, малолетничките бракови, дискриминацијата и соочувањето со стереотипите од страна на вработените во институциите.

Особено загрижува појавата – питачење и деца на улица, субстандарните услови за живот во повеќе ромски населби во повеќе градови, пристапот до правото на жените Ромки до гинеколошки прегледи во општина Шуто Оризари, условите за домување на ромски семејства сместени во ЈУ „Ранка Милановиќ“- Скопје,  прашањето со домувањето на ромските семејства во Општина Штип, подигнување на свеста кај жената Ромка за пријавување и заштита од семејно насилство, уписот на раѓањето во матична книга на родени, раната бременост, сегрегацијата на Ромите во образованието, за што има пресуда и од Европскиот суд за човекови права и др.“ ги лоцираат причините од Канцеларијата на Народниот правобранител.

Жените Ромки со желба но, без акција за пријавување на пазарот на труд

Само 8% од жените Ромки, според податоци на Светска Банка се дел од формалниот пазар на труд. Голем дел од нив работат непријавено или дома, без социјално обезбедување и стабилни приходи иако интересот постои и континуирано расте, особено кај младата популација. Истражувањата покажуваат дека над 60% од жените Ромки би сакале да аплицираат за работа, но често не го прават тоа поради недостиг на информации, самодоверба или социјална поддршка. Многу од нив се ограничени од семејни обврски, традиционални очекувања и недостапност на квалитетна поддршка за вработување

Жените Ромки речиси и да не се застапени на раководни позиции, ниту во јавниот сектор, ниту во приватниот. Според достапните податоци на Народниот Правобранител само 0,3% Роми се наоѓаат на раководни позиции во јавната администрација што укажува на сериозен недостаток на инклузија и поддршка во процесите на унапредување и лидерство на Ромите а уште повеќе кон жените Ромки.Стереотипите си го прават своето, но кога зборувате за нив со претставници од ромската заедница, тие велат дека стереотипите малку по малку ја изгубиле ограничувачката моќ во оваа заедница.

„Секако дека постојат стереотипи и во самата заедница, но, процентот на жени Ромки кои се соочуваат со таков вид на стереотипи е навистина незначителен во последните неколку години. Постои голем интерес за стекнување со формално образование кај жените Ромки, имено согласно последните статички истражувања бројот на запишани деца Роми во основно образование во последната учебна година 2024/2025 е скоро еднаков меѓу девојчињата и момчињата Роми, додека пак во 2023 година поголем процент на жени дипломирале високо образование за разлика од мажи Роми“, изјави Ѓултен Мустафова од невладината Ромалитико за Радар.мк.

За да се промени оваа слика, според Мустафова, неопходно е вкчлучување на државата и на системот со долгорочни стратегии со строг фокус на жените Ромки.

„За да се зголеми активноста и да се искористи нивниот потенцијал потребно е властите да воведат долгорочни стратегии, унапредување на економското јакнење со мерки наменети за жените Ромки, поддршка за самовработување и инклузивни политики.Многу од нив се ограничени од семејни обврски, традиционални очекувања и недостапност на квалитетна поддршка за вработување. Соодветна кариерна ориентација, обуки и програми за економско јакнење можат значително да го зголемат нивното учество на пазарот на труд. Жените Ромки активно бараат работа, но често се соочуваат со повеќекратна дискриминација, односно дискриминација по повеќе различни основи. Околу 51% од активните баратели на работа регистрирани во Агенцијата за вработување се жени Ромки.  Тие најчесто  изјавуваат дека наишле на бариери при вработување, како одбивање поради името, бојата на кожа или изглед и етничка припадност“ потенцира Ѓултен Мустафова од Ромалитико.

Шиковска: Состојбата со жената Ромка е алармантна

Дека состојбата со жената Ромка е многу лоша, за порталот Радар.мк, зборува и поранешната пратеничка Љатифе Шиковска која важи за борец за правата на Ромите. Според неа состојбата на жената Ромка во секој поглед е алармантна. Таа смета дека е потребно да се воведат серија мерки за Ромките да бидат повидливи во јавната администрација, бидејќи има многу квалитетни Ромки кои се со високо ниво на образование но не се вградени во системот.

„Состојбата на жената Ромка не била никогаш толку лоша како што е денес. Зошто ова го велам , поради тоа што таа е многу малку видлива особено во јавниот живот, политичкиот живот, политичкото учество, на локално, на национално ниво. Така да сметам дека ние денес имаме навистина квалитетни жени Ромки кои се образовани како магистри, доктори и имаат одлични профили кои навистна заслужуваат внимание и треба да им се даде шанса да бидат дел од институциите, особено на раководни позиции каде што се креираат политиките во државава и особено политиките за малцинствата вклучително и Ромите, Но секако сметам дека мора и жените да покажат малку повеќе интерес, особено жените кои работат во граѓанскиот сектор да се охрабрат да се мотивираат и да се вклучат акитвно во политичките процеси, во политичкиот живот. Бидејќи јас бев дел од граѓанскиот сектор мене кога ми се укажа шанса јас не размислував многу и сметав дека тоа е можност и отприлика мотивација за мене да придонесеме кон колективни решенија за заедницата.“ – вели поранешната пратеничка Љатифе Шиковска

Нашите заложби се жените Ромки како граѓани на РСМ без оглед на етничката припадност да се чувствуваат сигурно и да имаат еднакви можности и пристап до соодветни ресурси за личен развој и напредок, а општеството да им даде реални можности за учество и остварување на потенцијалите, со што ќе ја променат сликата, која за жал се уште е присутна кај неромите, кога зборуваат за Ромите, велат од Канцеларијата на Народниот правобранител од каде ставаат акцент на потребата од делување за намалување на дискриминацијата врз оваа етничка заедница по повеќе основи.

„Од вкупно 2.821 подносител на претставки само 32,79% или 925 подносители се изјасниле за нивната етничка припадност при поднесување на претставките до канцелариите на Народниот правобранител во Скопје, Битола, Кичево, Тетово, Куманово, Штип и Струмица. Од нив 572 или 61,84% се Македонци, 224 или 24,22% се припадници на албанската етничка заедница, 52 или 5,62% се припадници на ромската етничка заедница, велат од оваа институција за порталот Радар.мк.

И последниот извештај на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, говори со слична бројка. Најголем број претставки се поднесени за заштита од дискриминација врз основа на национална или етничка припадност (27%). Неколку проценти од оваа бројка без малку 6% се однесуваат на претставки поднесени од ромската заедница и тоа со акцент на жените.

Сите инстанци консултирани за овој текст апелираат да се зголеми активноста на жената Ромка и да се искористи нивниот потенцијал со помош на долгорочни стратегии, унапредување на економското јакнење со специфични мерки наменети исклучиво за нив и со поддршка за самовработување и инклузивни политики.

Ангел Димовски

Translate »