Со звуците на Штраус матурантите играа квадрил
Со дадена заклетва за ненасилство и со звуците на музиката од Штраусовата опера „Лилјакот“ денеска точно напладне на плоштадот „Македонија“ во Скопје околу 1.000 матуранти го одиграат традиционално танцот квадрил.
Фото: Борче Поповски
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, кој присуствуваше на манифестацијата, им порача на матурантите во текот на целиот живот да ги задржат ентузијазмот и енергијата која сега ги имаат и да бидат посветени кон се што ќе го работат.
– Ако човек успее младешкиот жар и ентузијазам да ги задржи во текот на целиот живот неминовно ќе има успешни резултати. Затоа задржете ги ентузијазмот и енергијата кои сега ги имате и бидете посветени кон се што работите во животот за да може да успеете – рече Шилегов.
Како градоначалник најави дека ќе се грижи Скопје да стане модерен, европски и безбеден град во кој, како што рече, не се сомнева дека матурантите ќе одберат да го продолжат својот живот.
Матурската парада почна да се организира во 2001 година во Љубљана, а во Македонија за првпат се одржа во 2007 година во Скопје и Охрид.
Организатори се Дирекцијата за култура и уметност на Скопје и Танцовиот спортски клуб „Ритам плус“ од Скопје, под покровителство на Град Скопје и Делегацијата на Европската унија.
(МИА)