Возат џипови и добро заработуваат-Експерти само во својот двор

Сте забележале колку многу околу нас има  експерти и сезнајковци?!Во се се  разбираат, ги има на телевизија, во комшии, излегуваат и од фрижидер. Гласни се и “добро информирани”. А во својот двор се “најпаметни”. Некои само од тоа живеат, а и добро заработуваат, разбирајќи се во буквално се.  Еве , приказна за една таква експертка.Кокошката експерт

Дошла есента и ластовичките започнале да се подготвуваат за долгиот пат на југ.  Радосно црцореле, чекајќи го  северниот ветер  за да се тргнат на пат. Љубопитната кокошка наслушнала дека нешто се подготвува и си помислила: ” Би било интересно да се отиде во авантура, некаде далеку каде е топло и убаво”.

И така , кокошката цврсто решила да им се приклучи на ластовичките.

Следниот ден  ластовичките се собрале, се кренале во небото и тргнале на долгото патешествие. Кокошката кога ги видела, брзо се напнала и таа да полета, но само потскокнала,  замавтала со крилата и ја прескокнала оградата на кокошарникот.  Продолжила да “лета” и скокнала преку оградата на дворот, следејќи го јатото ластовици.

Трчала кокошката, посткокнувала, мавтала со крилата и дошла дури до селскиот пат. Најпосле,   стигнала до соседната бавча. Застанала да се одмори, погледнала околу себе и решила дека е време да се прибира дома.

Вториот ден се вратила во кокошарникот и раскажала на сите како летала на југ, колку нови и интересни нешта видела,  какви прекрасни и непознати земји посетила… Видела овошна градина, дрва чудни и неверојатни, запознала други птици, па дури го сретнала и градинарот од другата земја.. Колку е убаво на југот ! Раскажувала и раскажувала големата патничка.

– Ех, колку интересно! Колку храбра птица си ти! – брмчел целиот кокошарник  и сите скришно  ѝ завидувале.

Поминала зимата, дошла пролетта. Јатото ластовици се вратило од југ. Ластовичките почнале  да раскажуваат за морето, за топлите јужни земји. Но,  никој од  дворот не се заинтересирал за нивната приказна.

– Нашата кокошка веќе се ни раскажа – гракнале сите во  еден глас. – Таа  одамна се врати оттаму , таа знае се!

 

балканска приказна

Translate »