Мицковски: Предвремени парламентарни избори заедно со претседателските
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски побара одржување предвремени парламентарни избори заедно со претседателските.
– Да видиме дали народот се согласува со ова што го прави Зоран Заев и СДСМ, рече Мицкоски на митингот пред Владата.
Во врска со спорот за името со Грција, Мицковски нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи промена на Уставот заради промена на уставното име. Обвини дека разговорите за името се воделе тајно и нетранспарентно, а информациите за нивниот тек најчесто доаѓаат од грчките медиуми.
– НАТО и ЕУ се вечен стремеж на нас и нашата генерација, одлична можност за државата и граѓаните, но промените во државата мора да почнат од нас самите. Мора да веруваме во себе и да веруваме во сопствените квалитети, рече Мицковски.
Лидерот на опозициската партија рече дека на Македонија и треба и реформиран, одговорен и квалитетен СДСМ.
– Но за да дојде и тоа, прво мора да се порази Зоран Заев, рече Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ја критикуваше работата на Владата во изминатата година, посочувајќи дека очекувањата на граѓаните биле изневерени и дека нивното достоинство било урнато.