Крајно време е неформалните собирачи да се интегрираат во организиран систем за собирање отпад

Се проценува дека околу 5.000-10000 лица во Македонија, главно од Ромската популација живеат од собирање отпад како неформални собирачи.  За нив не постојат прецизни податоци, бидејќи повеќето од нив немаат ни лични карти, а дел од нив собираат отпад од пакување повремено. Тие не се дел од организираниот систем на собирање и селектирање на отпадот во земјата, немаат постојано вработување и стабилни приходи, здравствено и пензиско осигурување, социјална заштита. Веќе подолг период се во сива зона без никаква евиденција за нив. Најлошо е што со себе ги носат децата кои не ги пуштаат на училиште и со тоа создаваат нови генерации на потенцијални учесници во сива економија кои без образование се осудени да останат на маргините на општеството.

Голем дел од отпадот што го собираат овие собирачи никаде не се евидентира, што претставува проблем и за државата, бидејки кога не се евидентира де факто и официјалната стапка на рециклирање е ниска. А не се евидентира бидејки често завршува кај отпади кои што работат без дозвола. Ако се гледа од законски аспект, неформалните собирачи нелегално го собираат вредниот дел од отпадот кој е во надлежност и сопственост на комунланите пррепријатија и општините.

Поради недостатокот на организација и контрола, во секојдневната борба за обезбедување на поголеми количини отпад, а со тоа и поголема заработка, неформалните собирачи многу често ја оштетуваат комуналната инфраструктура поставена од „Пакомак”, во која граѓаните треба да го одложат селектираниот отпад. Едноставно, овие собирачи гледаат конкуренција во формалните системи за селекција на отпадот.

Но, освен што ја уништуваат скапата опрема која што колективните постапувачи ја донираат на општините, тие создаваат и лоша слика околу контејнерите, каде го расфрлаат отпадот, и со тоа ги демотивираат останатите граѓани да го селектираат отпадот.

„Неформалните собирачи секако не треба да останат без работа! Но, доколку станат дел од организираниот систем за собирање на отпадот можат да станат значајна алка која ќе придонесува за зголемување на селектираната пластика, хартија, лименки и друг отпад кој не смее да завршува на депонија”, смета Ико Брдароски од „Пакомак”.

Интеграцијата на собирачите, според Брдароски, е вин-вин ситуација за нив, за институциите и за општеството во целина. Казнувањето не е успешно решение  бидејќи на најголемиот дел од нив продавањето на отпадот им е единствениот приход. Доколку на било каков начин целосно им се скрати овој приход, постои можност тие да почнат да се занимаваат со други, уште понелегални активности за да обезбедат егзистенција. Според проценките на „Пакомак”, еден уличен собирач може за еден ден да подигне од 20 до 40 килограми ПЕТ пластика или од 100 до 300 килограми хартија. Тие може да заработат од 500 до 1000 денари на ден, во зависност од откупните цени на отпадот. На повеќето тоа им е единствениот извор на приходи.

Неформалните собирачи треба да бидат вклучени во организираниот систем за собирање и селекција на отпадот за што е потребно заедничко делување на институциите, локалните самоуправи, комуналните претпријатија и компаниите како „Пакомак”. Мора да се обезбеди листа на улични собирачи, кои ќе треба да поминат обука, да имаат заштитна облека и ракавици и да работат во координација со комуналните претпријатија. За оние кои од разни причини нема да сакаат да станат дел од легални системи за селекција и собирање, институциите мора да применат казни доколку повторно продолжат со нелегално собирања отпад.

„Придобивките се големи, освен за собирачите кои ќе имаат постојан и поголем приход од псотоечкиот, здравствено и пензиско осигурување и подобри работни услови, општините ќе обезбедат нови вработувања, почиста околина за своите жители, контрола на системот за собирање отпад, како и неоштетена комунална инфраструктура”, вели Брдароски.

Уличните собирачи, освен во Македонија се присутни и во земјите во блиското окружување, Романија, Бугарија, Турција, Грција, Србија, Косово, Албанија, Хрватска, Босна и Херцеговина итн.

Translate »