СТАНУВААТ РАНО И РАБОТАТ ДО ПЛАДНЕ: Како живеат и колку заработуваат собирачите на отпад?

Стануваат рано околу 4 часот, во градот собираат пластични шишиња, и со работа завршуваат околу пладне, по што она што го собрале, го носат во отпад и за него земаат пари.

Ова е секојдневие за многу граѓани, најмногу од ромска националност иако секако не се само тие.

„Во нашата населба половина од луѓето можеби собираат отпад. Да не сме ние, градот ќе потоне во пластични шишиња. Собираме насекаде. Од ова не може да се живее, туку едноставно да се прехрани човек, да обезбеди пари за храна денеска, а за лекови, и купување на нешто повеќе нема. Но, ова е срам за државата затоа што нема работа и луѓето се приморани да собираат пластични шишиња од контејнери за да преживеат, тоа го правиме ние сиромашните. Дневнo ако некој собере 20 килограм пластика е добро, но тоа е тешка работа, треба многу труд“, вели жител на кумановската ромска населба Средорек.

Од отпадите каде се откупува пластика низ Македонија велат дека од собирање на пластика не може да се оствари голем приход, но основните потреби ќе бидат задоволени.

„Зависи кој каде собира и што собира. Во Штип има многу собирачи, и од ромска и од македонска популација. За килограм пластични шишиња плаќаме по 13 денари, а сумата која еден собирач може да ја заработи на дневна основа се движи од 200-300 денари, до 1.000 денари“, велат од откупен центар во Штип.

Од ист таков пункт во Битола велат дека бројот на собирачи се намалува, од причина што многу од Ромите заминаа како азиланти во западните земји, додека од отпад во Струмица велат дека неколку семејства добро живеат од оваа работа, но тие се трговци, кои заминуваат во соседните градови за да откупуваат железо, пластика и слично.

„Ние работиме веќе 19 години и можам да кажам дека бројот на собирачи се зголемува. Сепак 90% од собирачите се Роми. Од локалното население има луѓе кои ќе дојдат на два дена и ќе донесат 30-40 килограми пластични шишиња и ќе земат 400-500 денари“, вели Илија Китанов, сопственик на Еврозоли од Струмица.

Тој додава дека колку едно семејство ќе заработи од собирање на пластични шишиња, зависи од тоа колку ќе се ангажира.

prezemeno od Faktor.mk

Translate »